Привремено прекината потрагата во Бразил, опасност од пукање на нова брана

Поради опасност од попуштање на уште една брана по првата во петокот при што загинаа најмалку 37 луѓе, а се трага по речиси 300, бразилските власти во неделата привремено ја прекинаа потрагата по евентуално преживеаните и наредија евакуација на 24.000 жители, пренесуваат медиумите.

Во неделата се евакуирани неколку населби на градот Брумадињо на југоистокот од Бразил кои се на дофат на браната VI. Претходно најголемата бразилска рударска компанија „Vale SA“, предупреди на опасноста поради зголемување на нивото на водата да биде пробиена уште една нејзина брана во Брумадињо, во сојузната држава Минас-Жеараис, каде што се случи несреќата во петокот попладнето.

Пожарникарите потоа ја започнаа евакуацијата, односно преместуваат 24.000 од вкупно 39.000 жители на повисоките делови од Брумадињо. Портпаролот на противпожарната служба на државата Минас-Жераис, исто така, потврдил дека постои опасност од напукнување и на втората брана во близина.

До саботата од тињата се извлечени 37 тела, а 23 луѓе се пренесени во болниците. Повеќе од 290 луѓе сѐ уште се водат како исчезнати, а прогнозите дека повеќето од нив ќе бидат најдени живи се сѐ песимистички.

Потрагата по преживеаните, која требаше да продолжи во неделата наутро по локално време откако во текот на ноќта беше сопрена, е суспендирана на неодредено време. Одлуката е донесена по потврдување на информацијата за опасноста да биде пробиена и втората брана.

„Постои вистинска опасност.., поради тоа нашите екипи привремено ја прекинаа потрагата и се посветија исклучиво на евакуација на населението кое живее во загрозените делови од градот. Штом се огласи тревогата, пожарникарите започнаа да ги евакуираат жителите најблиску до браната во повисоките предели од градот“, изјавил портпаролот Педро Аихара, и додал дека нивната работа сега „целосно е насочена на евакуацијата“.

По пукањето на браната во петокот поплавена е областа во близина на населеното место Виља Фертеко, што предизвика стравувања од ширење на токсичниот отров. Засега не се знае причината за несреќата. Рударската брана е подигната во 1976 година и е една од неколкуте кои се користат за задржување на отпадниот материјал од блиските рудници.