Поради новите случаи на коронавирусот, една пробиштипска конфекција од вчера е затворена, а работниците се испратени на колективен годишен одмор, информира Кристина Ампева од НВО „Гласен Текстилец“ – Штип.
Во овој период, истакна Ампева, се забележуваат и отпуштања на работници во конфекциите.
„Има колективни отпуштања или да не ги наречам отпуштања, непродолжување на договорите. Имавме случај во една фирма, каде што се случило непродолжување на договорите на 40 работници, сепак на оние кои се на неопределено им беше дадено да потпишат некаков анекс на договор, да бидат на четиричасовно работно време или да потпишат анекс на определено, со што, кога – тогаш ќе бидат под Агенцијата за вработување. На ова реагиравме, се состана правниот тим и на работниците им апелиравме да не потпишуваат ништо“, рече Ампева.
Според неа, работниците не смеат да бидат колатерална штета, а работодавецот ако има деловни проблеми треба да им даде на работниците отказ од деловни причини.
„Соодветно на тоа и постапката согласно Законот за работни односи, да си биде спроведена од страна на работовачот, а не на ваков начин“, смета Ампева.
Во моментов не можат да дадат точни бројки, колку работници останале без работа, бидејќи работат и интервенираат на случаите, за кои работниците им се јавиле.
„Гласен Текстилец“ во овој период забележал и неисплата на минималната плата на работниците во фирми што добиле државни субвенции од Владата.
„Тоа се народни буџетски пари, а на листовите за плати гледаме нешто, исплата и по 3.000 или 4.000 денари. Неколкупати реагиравме со Државниот трудов инспекторат, постапуваат и навистина сме задоволни што се експедитивни и успешно се процесуираат сите тие случаи“, посочи Ампева.
Во Европа голем број граѓански здруженија почнаа кампања за поддршка, бидејќи сметаат дека брендовите што сега ги намалуваат нарачките имаат одговорност кон вработените кои со години шиеле за нив. Кон иницијативата се приклучуваат и од „Гласен Текстилец“ од каде се свесни дека ќе има отпуштања, но бараат тоа да се прави со почитување на Законот за работни односи, а работниците да не бидат приморани да потпишуваат трансфер на договорите од неопределено на определено време или спогодбени откази
„Секаде во светот, каде што е застапена текстилната индустрија веќе има јавни повици од самите Влади, од Невладини организации, Организации на работодавчи, синдикати, Меѓународна организација на трудот, каде се повикува брендовите да преземат одговорност, да не ги стопираат нарачките, да внимаваат на егзистенцијата на работниците, кои со децении наназад шиеле за нивните брендови. Сакам да го покренам како прашање наредниот период“, рече Ампева.
Анализите на текстилниот сектор за ефектите од пандемијата не се оптимистички ако состојбата со коронавирусот со овој интензитет продолжи до крајот на годината. Тоа и догодина би значело помала ликвидност, а поголеми отпуштања.
Кирил Нашков, претставник на штипските текстилци во Текстилниот кластер, смета дека и покрај негативната кампања, прават се да се поделат што помалку откази. Секторот допрва очекува проблеми зашто досега се покривале со веќе потпишаните договори и нарачки кои биле во магацините. Дополнително, шиеле маски и скафандери. Но, и побарувањата за медицинската опрема во овој момент е намалена.