Еден од најдобрите фудбалери на денешницата, португалскиот напаѓач Кристијано Роналдо дури во четвртото коло од италијанската Серија А конечнo ги постигна своите први погодоци за Јувентус каде што летово стаса од редовите на Реал Мадрид.
Јувентус со 2:1 (0:0) го совлада на домашен терен Сасуоло, и така остана единствената непоразена екипа во досегашниот тек на италијанското првенство. Ова беше првиот пораз на Сасуоло оваа сезона.
Првиот првенствен гол во Италија, Роналдо го постигна во 50 минута кога од непосредна блиина ја уфрли топката во празната мрежа откако стоперот на гостите Ферари несреќно ја погоди стативата од сопствениот гол во обид да му ја врати топката на својот голман. Петнаесет минути подоцна, Роналдо погоди за 2:0 крунисувајќи го брзиот противнапад на Јуве. „Старата дама“, сепак, ја доведе на крајот во прашање победата, откако Бабакар погоди за Сасуоло во првата од трите минути судиско продолжение на мечот.
Јувентус така остана на врвот на табелата со максималните 12 бодови, додека Сасуоло е на третата позиција со седум бодови.
Рома, како и вчера Интер кој беше поразен дома со 0:1 од Парма, повторно во неделата киксираше. Римската „Волчица“ на својот „Олимпико“ одигра само 2:2 со Киево, иако имаше предност од 2:0. Ел Шарави во 10 и Кристанте во 30 минута ѝ донесоа водство на Рома, и се чинеше дека на гостите од Верона им претстои дебакл. Но во второто полувреме Бирса во 52 и Степински во 83 минута на „Летечките магариња“ им донесоа неочекуван бод во дуелите со великаните.
Рома има сега само пет бодови и е на осмата позиција, додека Киево коешто оваа седмица беше казнет со одземање три бода, сега е последен со минус еден бод.
Удинезе одигра 1:1 пред своите навивачи со Торино. Домашните поведоа со погодокот на Де Пауло во 28, а израмни Меита во 49 минута. Двата клуба сега се во самата средина на табелата со по пет бодови.
Џенова со голот на Пјатек во 69 минута ја победи Болоња. Џенова е седма со шест бодови, но и еден одложен меч од првото коло поради трагедијата со уривањто на надвозникот во овој град, а Болоња остана на 18-то место со само еден бод.
Во неделата Интер беше поразен од Парма дома со 0:1, Наполи пак дома победи против Фиорентина со истиот резултат, а Фросиноне дома беше демолиран од Сампдорија со 0:5,
Во вечерниот термин во неделата играат Емполи – Лацио и Калјари – Милан, а во понеделни СПАЛ – Аталанта.