Рахој тргна кон суспендирање на политичката автономија на Каталонија

Шпанскиот премиер Маријано Рахој во средата го направи првиот чекор кон активирањето на членот 155 од шпанскиот устав, кој ќе му овозможи да ја суспендира политичката автономија на североисточната покраина Каталонија којашто на референдумот од 1-ви октомври изгласа независност, а со тоа и да го преземе регионот.

„Кабинетот (на министрите) се согласно формално да побара од каталонската влада да потврди дали или не прогласила независност“, изјави шпанскиот премиер Маријано Рахој во кусото телевизиско обраќање.

„Одговорот на каталонскиот претседател ќе ги одреди идните настани, во следните неколку дека“, рече Рахој додавајќи дека ќе продолжи да дејствува на „внимателен и одговорен начин“.

Ова формално барање е потребно за да се активира членот 155 од Уставот на Шпанија, којшто, пак, не утврдува никаков временски рок во којшто би требало да го добие одговорот.

Под притисоците на сите страни, вклучително и од челниците на Европската унија, претседателот на Каталонија, Карлес Пучдемон, во вторникот вечерта кога вети дека оваа шпанска покраина ќе ја претвори во независна република, истовремено го одложи спроведувањето на одлуката за самостојност што ја потпиша, за „со преговори да се дојде до решение“.