
Русија и Украина постигнале начелен договор за транзитот на рускиот гас преку украинскиот гасоводен систем со посредништво на Европската унија во Берлина, соопшти во четвртокот вечерта потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчович.
Москва и Киев со месеци преговараат за тоа како да се продолжи десетгодишниот договор кој истекува на 31-ви декември, и доколку не беше продолжен го ставаше во опасност снабдувањето со природен гас на Европа.
„Постигнат е начелен договор, сега за него треба да разговараат во престолнините во петок. Му благодараме на германскиот министер за економија и енергетика што не донесе денеска и помогна во изготвување на спогодбата“, рече Шефчович кој учествуваше на тространите преговори во Берлин меѓу Русија, Украина и Европската унија.
Не се објавени никакви поединости за содржината на договорот.
Рускиот министер за енергетика, Александар Новак, ја поздрави „многу продуктивната работа“ во преговорите и подготовката на проектот на деталниот протокол за гасот и рече оти се надева кои „многу брзо“ би требало да бидат „конкретизирани“.
Од друга страна, украинскиот министер за енергетика и заштита на животната средина, Алексеј Оржел, изјави дека Киев и Москва „разработиле квалитетно решение“ за гасот. Според него, тоа ги приближува двете земји до потпишување на конечниот договор.
Европските земји имаат лошо искуство со последиците од долгата руско-украинска гасна војна на почетокот од 2000 година и затоа создаваа резерви за да бидат подготвени доколку се случи да запрат испораките на рускиот гас преку украинскиот систем.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот на годишната голема прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање за оваа тема, истакна дека се надева дека договорот е постигнат.
„Ќе се потрудиме да работиме украинската страна да биде задоволна и нашите европски потрошувачи да може да бидат спокојни . Ќе бараме решение кое е прифатливо за сите страни, вклучително и за Украина. И тоа без оглед на градењето на инфрастуктурата за гасоводите како што се Северен тек 1, Северен тек 2, Турски тек… Ќе го задржиме транзитот на гас преку Украина“, рече Путин.
Новиот оператор со украинскиот транзитен гасен систем соопшти дека има намера во сабота да одржи средба со рускиот гасен гигант „Газпром“. Претходно државната компанија „Нафтогаз“ ги пренесе акциите на операторот на холдингот „Магрисртрални гасоводи на Украина“ кој е под контрола на министерството за финансии во Киев. Новата компанија ќе започне со работа на 1-ви јануари 2020 година.
Сегашниот договор за снабдување и транзит на рускиот гас истекува до крајот на годинава. Според европсктите прописи од третиот енергетски пакет, компанијата оператор на транзитот мора да биде одвоена од компаниите производителите на енергенсите. Според тоа, „Газпром“ ќе може да вклучи нов договор со независен оператор, па затоа и за продолжувањето на договорот украинските власти мораа да формираат таква компанија пред 1-ви јануари.
Договорот кој истекува на 31-ви јануари беше потпишан по завршувањето на претходната гасна криза која ги погоди европските земји во зимата 2010 година.
Европа 35 отсто од своите потреби од гас ги подмирува со руски гас, но денес е многу помалку зависна од транзитот од Украина. По двете руско-украински гасни војни во 2006 и 2009 година, а такви прекини имаше и во 1992, 1993 и 1994 година со обвинија дека Киев го поткраднува рускиот гас испорачуван преку неговиот систем за европските потрошувачи, транзититот преку Украина паднал за 40 отсто во последните 15 години, откако Русија и неколку европски земји предводени од Германија изградија гасоводои кои ја заобиколуваат Украина за која транзитот претставуваше и значителен извор на приходи. Во септември 2011 година беше пуштен гасоводот Северен тек кој минува под Балтичкото Море и ги поврзува руските гасни наоѓалишта со германскиот брег, а новиот систем Северен тек 2 треба да биде пуштен на почетокот од 2020 година.
Активна улога во разговорите имаше Германија, која на преговарачката маса ја претставуваа министерот за економија Петер Алтмаерр и владиниот комесар за транзитот на гасот преку Украина, грофот Георг Валдерзе. Заинтересираноста на Берлин за преогворите пред настапувањето на зимата е поради тоа што земјата е најголемиот увозник на руски гас меѓу европските земји.