Русија се надева на „разумно решение“ за транспортот до Калининград

Русија во петокот порача дека се надева на „разумно решение“ на спорот околу блокирањето на нејзините основни продукти до нејзината балтичка енклава Калининкрад преку територијата на Литванија, додека во Европската унија се водат разговори околу истата тема.

Калининградската област, која граничи со државите на Европската унија и по копнен и железнички сообраќај поевтино се снабдува со повеќето стоки преку Литванија, отсечена е од матичната Русија од 17-ти јуни, поради тврдењето на Вилнус дека ги почитува антируските санкции на Брисел, додека Москва вели дека таквите ограничувања не се законски бидејќи се однесуваат всушност на внатрешен транспорт.

Русија на Европската унија ѝ порача дека моменталната ситуација води до значителни трошоци не само за Литванија, туку и за самата Унија, рече заменикот на рускиот министер за надворешни работи Александар Грушко додавајќи дека му се чини оти „сигналот е примен“, односно дека во Брисел го сфатиле предупредувањето.

Рускиот амбасадор во Европската унија, Владимир Чижов, изрази слично мислење, велејќи дека се надева на „компромисно решение во блиска иднина“.

Грушко додаде дека Русија работи на решение „но најважната работа… се прашањата на одржување на живото за Калининград“. Рускиот дипломат истакна дека Москва не планира да нападне ниедна членка на НАТО, како и дека само „болните може да смислат“ такво нешто.

Истовремено во петокот, влијателниот германски весник Der Spiegel, повикувајќи се на свои извори извести дека германските власти се огорчени од одлуката на Литванија да го блокира транспортот меѓу Калининград и матицата Русија.

Според сознанијата на весникот, Берлин не го споделува мислењето на Вилнус дека транзитот на санкционирани стоки до Калининград не треба да се врши преку територијата на ЕУ, и оти германските власти сметаат дека всушност станува збор за „транспорт од Русија до Русија, што е дозволено“.

„Според информациите на Der Spiegel, федералната влада е огорчена од постапките на Литванија“, се наведува во текстот и се додава дека соговорниците забележуваат дека Берлин ќе инсистира транзитот меѓу Калининград и остатокот на Русија да биде изземен од санкциите.

Според моменталните литвански санкции воведени преку 18-ти јуни преку територијата на Европската унија, значи кон Калининград, забранет е транспортот на железо, челик и метали, а на тоа од 10-ти јули ќе бидат додадени и цемент и алкохол, а јаглен во август и нафтени производи во декември. Според тоа во конечната фаза околу половина од товарите наменети за Калининград ќе бидат под санкции. Целта е да се ослаби оваа руска територија која има стратешко значење, особено во случај на конфликт во Европа, зашто таму распоредените ракети брзо може да стасаат до која и да е точка на континентот.

Агенцијата Bloomberg News, исто така, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека ЕУ може да ги промени правилата за транзит на руските стоки до Калининград, заедно со воведувањето на следниот пакет санкции против Русија.

Според агенцијата, следниот седми пакет санкции од почетокот на војната на Украина, може да вклучува „приспособување на правилата за транзит на стоките под санкции до руската енклава Калининград“.

Во четвртокот за агенцијата Reuters два европски извора потврдиле дека транспортот на основи продукти и стоки преку територијата на Литванија до руската балтичка енклава Калининград би можел нормално да продолжи за неколку дена по претходните навестувања во таа насока од Вилнус, додека европските функционери работат на компромис со балтичката држава за да ги намалат тензиите со Русија.

Од своја страна, литванскиот претседател Гитанас Наузеда рече дека Европската комисија наскоро ќе објави нови правила за транспорт на стоки.

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова оцени дека Вилнус донел „агресивна“ одлука, а дека Москва го „задржува правото да ги заштити националните интереси“, без да прецизира кои мерки би биле преземени.

Гувернерот на Калининград, Антон Алиханов, истакна дека постојниот траектен систем на енклавата е доволен да се справи со зголемениот транспорт на товари, кој сепак е доста поскап отколку железничкиот.