![Elka-plostad](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/12/Elka-plostad.jpg?resize=696%2C470&ssl=1)
Скопската градоначалничка Данела Арсовска вчера на својот профил на Фејсбук објави видео од украсувањето на главниот град, кое таа самата најави дека ќе се случи во рамки на можностите на Градот.
На видеото е прикажано китење на дел од улиците во централното градско подрачје и плоштадот „Македонија“ каде што централно е поставена новогодишната елка. Околу неа се веќе поставените куќички-штандови. На плоштадот е монтиран и мал луна парк.
Во коментарите под фејсбук-објавата на Арсовска, еден дел од граѓаните имаа позитивни, а дел негативни критики за новогодишното украсување.
Од коментари со поддршка дека градот е накитен како вистинска метропола, до критики дека на Скопје воопшто не му било потребно новогодишно украсување додека скопјани со недели мака мачат со јавниот градски превоз и нередовните автобуси, а на приватните превозници не им се исплаќа долгот од ЈСП.
Иако го добија ветуваното новогодишно украсување, скопјани сè уште не знаат кој ќе ги забавува на новогодишната прослава на плоштадот „Македонија“ на 31 декември. На точно десет дена до Нова година, градските власти немаат објавено никаква информација во врска со новогодишната ноќ и изведувачите што ќе бидат дел од програмата.
Главниот град почна да се украсува на околу две недели пред Нова година со поставување на новогодишната елка на централниот плоштад во Скопје. Претходно беа поставени и куќичките-штандови околу партерната фонтана за плоштадот „Македонија“.