Словачка планира да ги тестира сите повозрасни од 10 години

Словачка започна амбициозна операција на тестирање на коронавирусот на сите свои жители повозрасни од 10 години, но претседателката Зузана Чапутова мисли дека тоа е „неизводливо“.

Операцијата на тестирање на вирусот SARS-CoV-2 на четири милиони луѓе би требало да се спроведе во текот на два викенда. Заразите со коронавирусот силно се проширија низ Словачка последните седмици откако земјата пролетва мина речиси негибната во пандемијата. Здравствените власти тврдат дека единствена алтернатива на масовното тестирање е целосниот „локдаун“.

Претседателката Чапутова, пак, повика на преиспитување на планот откако командантите вооружените сили соопштија дека нема доволно обучени здравствени кадри за спроведување на масовното тестирање. Досега се мобилизирани 70 отсто од 20.000 здравствени работници кои се потребни за земање брисеви од нос, наведува министерството за одбрана на Словачка.

„Ова е најголемата воена логистичка операција од осамостојувањето на земјата“, изјави министерот за одбрана Јаро Над.

Од утрото во саботата, војници и медицински персонал беше распореден по целата земја, а во центрите за тестирање се пријавени долги редици и долги чекања.

Словачкиот премиер Игор Матович ги повика сонародниците на тестирање. „Очите на Европа се вперени во нас“, порача.

Планот е да се тестираат четири петтини од населението со брзите антигенски тестови, а резултатите ќе бидат познати за 30 минути.

Во Словачка досега има вкупно регистрирано 57.664 заразени и 219 починати, според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“ кој од почетокот на пандемијата ги сумира официјалните податоци од целиот свет.