Словачка од средата вечерта воведува полициски час преку ноќта, соопшти министерството за здравство додека земјата се справува со најголемата стапка на смртност од Covid-19 во светот.
Словаците нема да смеат да излегуваат од своите домови во периодот од 20 часот навечер до 5 часот наутро, се наведува во одлуката на владата. На граѓаните им се препорачува да останат во своите домови, а исклучок се излегувањата доколку мора да одат на лекар, на работа или во прошетка поради рекреација или со домашните миленици. Полицискиот час на сила ќе биде до 19-ти март, а може да биде продолжен и по овој датум.
Словачка, која има 5,4 милиони жители, во последните две седмици во просек пријавуваше по 24 починати од Covid-19 на 100.000 жители, покажуваат податоците на агенцијата AFP.
„Високата стапка на смртноста е последица на многу фактори. Словачка направи низа грешки. Карантинот предоцна го воведе и немаше доволно надзор. Покрај тоа, смртноста е последица на општата лоша состојба во словачкото здравство“, изјави за AFP, претседателот на лекарскиот синдикат Петер Висолајски.
Според него, наместо да се воведуваат нови ограничувања, подобро би било да се применуваат постојните, за да се намали бројот на заразените.
Словачка во понеделникот стана втората земја членка на Европската унија, по Унгарија, која прими пратка од руската вакцина против коронавирусот „Спутник V“. Нарача вкупно два милиона дози од вакцината.
Словачка, исто така, десет пациенти испрати во соседна Полска а на помош ѝ дојдоа група лекари од Романија, откако ЕУ испрати барање за помош.