Во Словенија во последните 24 часа со изведените 1.176 тестови на коронавирусот откриени се четири нови случаи на заразата, па вкупниот број болни од Covid-19 се искачи на 1.454 лица, соопшти во саботата словенечката влада.
Починал во последното деноноќие уште еден пациент, со што бројот на вкупно починатите е зголемен на 101 лице.
Притисокот врз болнциите и натаму е во опаѓање, па во моментов се хоспитализирани 43 заболени од Covid-19, што е за четири пациенти помалку од претходниот ден. Помал е и бројот на потешко заболените згрижени на одделите за интензивна нега, каде што во мометов има вкупно 10 пациенти.
Досега во Словенија се направени вкупно 62.203 тестови на новиот коронавирусот. Со тоа се смета дека земјата е меѓу најуспешните во соочувањето со епидемијата, иако е во непосредно соседство со најголемото жариште во Европа – Италија, според бројот на тестираните во однос на вкупното население.
Како успех на Словенија се истакнува и тоа што во рекорден рок и меѓу првите успешно успеа да спроведе ткн серолошки испитувања на примероци на крвта на национален примерок од населението. Овие испитувања покажаа дека во контакт со коронавирусот биле меѓу 2 и 4 отсто од вкупната популација, што е релативно низок степен на зафатеност на населениет кај кое се развиле антитела на коронавирусот. Тоа значи дека мерките насочени на забавување на ширењето на епидемијата на Covid-19 биле успешни, но истовремено се поставува прашањето како да се заштити преостанатиот дел од популацијата од зараза, доколку кон крајот на летото дојде втор бран на заразата, што според епидемиолозите е можно.
Од понеделник имајќи ги предвид досегашните добри резултати во зауздувањето на епидемијата, во Словенија повторно почнува со работа јавниот автобуски како и железничкиот сообраќај, но со строги мерки на социјална дистанца меѓу патниците, одржување на хигиенските услови и со значително намален дозволен број патнции во возилата.
Под исти строги услови се најавува и скорешно повторно отворање на образовниот систем, кој досега се одвиваше на далечина, со намален број на ученици во паралелките и упатства како ќе се одвива наставата.