Словенечката влада е во преговори со швајцарската фармацевтска компанија „Novartis“ за производство на вакцина против Covid-19 во Словенија, пишува во средата љубљанскиот дневен весник Delo.
Ваквата можност неодамна ја најави министерот за здравство Јанез Поклукар по разговорот со Робер Љољо, директор на словенечката фармацевтска компанија „Lek“ која е во сопственост на швајцарски „Novartis“.
Интензивните контакти на словенечката влада со „Novartis“ на оваа тема траат веќе неколку месеци, а премиерот Јанез Јанша во мај годинава се сретна со Ришар Сеинор, директорот на „Sandoz“, генеричкиот оддел на „Novartis“, најавувајќи тогаш дека производството на вакцината во Словенија може да започне пред крајот на годинава, пишува водечкиот словенечки дневен весник.
Преговорите се однесуваат на условите за дејноста во Словенија и нејзиниот даночен систем, а не на можните финансиски поттикнување за инвестицијата на „Novartis“ во Словенија, наведува Delo.
Во „Lek“ во врска со можното ширење на производството во областа на вакцините и биолошките лекови, рекле дека „активно истражуваат“. Состаноците со претставниците на „Lek“ и контактите со швајцарските сопственици на словенечката фармацевтска компанија ги потврди и министерството за здравство.
На нив министерот за здравство Јанез Поклукар се согласил со оцената дека во Словенија би било добро да се развијат капацитетите за производство на вакцината, па и за потребите на можните нови епидемии, а таквото производство би го зголемило и нивото на доверба во вакцините, наведе министерството.
Сѐ уште не е јасно каква вакцина би се произведувала во Словенија доколку се финализира договорот со „Novartis“. Имено, „Novartis“ вакцината на „Pfizer/BioNTech“ го произведува во швајцарски Штејн, а вакцината на „Curevac“ во австриски Киндл, но планира и ширење на производството во нови погони, што бара и одобреување од европскиот регулатор, се додава во прилогот на Delo.