Словенија последните 24 часа бележи најголем број новозаразени од април

Во Словенија во последното деноноќие тестирани се 1.198 лица а новиот коронавирус е потврден кај 21 лице, осум повеќе од ден претходно што е најголема бројка забележана од средината на април, соопшти во четвртокот словенечката влада.

Станува збор за најголем дневен број на потврдени нови зарази од 16-ти април, кога имаше 36 позитивни тестови. Во моментов во Словенија се хоспитализирани девет пациенти со Covid-19, што е еден повеќе од претходниот ден, но ниеден од нив не е на интензивна нега.

Вкупниот број потврдени зарази од почетокот на епидемијата со последните податоците се зголеми на 1.634, додека бројката на починатите меѓу заразените останува 111, бидејќи нема нови смртни случаи меѓу заразените.

Бројот на активните зарази на 100.000 жители во Словенија во моментов изнесува 5,9 а по критериумите на словенечките епидемиолози за епидемиолошка сигурна држава важи онаа кога нема повеќе од десет нови зарази на 100.000 жители во период од 14 дена. Затоа сегашниот тренд на зголемувањето на бројот на дневните случаи на коронаинфекција е опасен, бидејќи Словенија, доколку тој тренд продолжи, овој праг на пропишаната епидемиолошка сигурност би можела да го мине за помалку од две седмици, наведуваат словенечките медиуми.

Медиумите го цитираат министерот за здравство, Томаж Гантар, кој на вчерашниот состанок со директорите на болниците, рекол дека растот на новите зарази во последно време е загрижувачки и дека секој шести ден бројот на новите инфекции се удвојува.

Медицинските стручњаци проценуват дека во Словенија повторно би требало да биде прогласена епидемија, доколку бројот на новите зарази на дневно ниво се зголеми на 30, но дека нема да има повторен „локаут“ на стопанството и социјалниот живот, бидејќи „животот мора да продолжи во новата нормалност“.

Словенечкиот парламент следната седмица на дневен ред ќе има нов законски пакет мерки предвидени за есента, со претпоставка дека ќе има втор бран на епидемијата.

Инфектологот Бојана Беович, којашто го води стручниот тим на владата за коронакризата, изјави денеска дека е загрижена што меѓу новозаразените, покрај од претходно познатиот проблем со увезени случаи, има и доста случаи на локално пренесување, односно зарази чиј извор не е сосема јасен.