Министерството за здравство подготви протокол за ургентни состојби или ургентна тријажа, што ќе претставува водич, по кој вработените во ургентните центри ќе постапуваат во случаи кога се носат пациенти во итни состојби, за преземање соодветни активности за нивно спасување.
Никола Тодоров, министер за здравство, на денешната прес-конференција информира дека нацрт верзијата од протоколот е ставен на веб страницата на Министерството и ќе биде достапен за стручната јавност следните 10 дена со можност да се надградува и дополнува.
„Се работи за национален протокол за ургентна тријажа во согласност со стандардите на најразвиените светски здравствени системи, кој ќе служи за обука на медицинскиот персонал вклучен во Националниот центар за ургентна медицина, со цел подигнување на квалитетот на ургентната медицина во Република Македонија, појасни Тодоров.
Националниот протокол за ургентна тријажа е изготвен по примерот на Протоколот од ЕСИ алгоритамот, кој претставува најчесто користен алгоритам за тријажа на ургентни состојби во Соединетите Американски Држави, но и во голем број врвни ургентни центри низ светот.
Со негова примена, додаде министерот, се овозможува соодветна проценка кои ресурси да бидат веднаш алоцирани според акутноста на состојбата на пациентите, односно се овозможува прецизно алоцирање на потребните ресурси во потребното време.