Шпанското државно обвинителство соопшти во неделата дека ќе бара апсење на отстранетиот каталонски претседател Карлес Пучдемон доколку тој во понеделникот од Белгија, каде што се засолни за да го избегне апсењето во Шпанија откако парламентот во Барселона во октомври прогласи самостојна Република Каталонија, отпатува во Данска за да присуствува на дебата.
Карлес Пудчемон, придружуван од уште неколку министри од неговата покраинска влада којашто ја распушти Мадрид, на крајот од ланскиот октомври допатува во Белгија откако на 27-ми октомври беше прогласена независноста на Каталонија по референдумот кој го забрани шпанскиот Уставен суд. Шпанската влада ја суспендираше автономијата на Каталонија и ја презема директната власт врз најбогатата покраина.
Шпанскиот Врховен суд издаде меѓународна потерница по каталонскиот челник, обвинувајќи го з поттикнување на бунт против Шпанија, поттикнување и организирање на забранетиот референдумот и трошење јавни покраински пари за организација на плебисцитот, за што му се заканува долгогодишна затворска казна. Меѓутоа потерницата подоцна беше повлечена за да се избегне можноста белгиските власти да му одобрат политички азил.
Шпанското обвинителство соопшти дека од судијата задолжен за случајот на Пучдемон веднаш ќе побара повторно распишување на меѓународната потерница и барање од властите на Данска да ги уапсат кога ќе го потврди своето патување во оваа земја.
Универзитетот во Копенхаген во петокот објави дека Пучдемон во понеделник ќе присуствува на настан на нивната политиколошка катедра под наслов „Каталонија и Европа на раскрсницата за демократизација? Дебата со Карлес Пучдемон“.
Хауме Алосно-Кевиљас, адвокатот на Пучдемон, изјави во неделата за каталонското јавно радио дека ризикот дека неговиот клиент ќе биде уапсен во Данска е „многу висок“, иако верува оти данските власти ќе одбијат да дејствуваат по потерницата.
Портпаролот на државниот обвинител на Данска изјави дека ќе ја „следи ситуацијата“ и не откри повеќе детали за натамошните постапување.
Пучдемон сѐ уште не го коментираше своето патување во Данска, но во петокот од Twitter профилот на данскиот политичар Пеле Драгстед сподели објава во која овој му посакува добредојде на каталонскиот челник во данскиот парламент следната седмица. Тоа би било првпат Пучдемон да ја напушти Белгија.
Коалицијата што ја предводи Пучдемон Заедно за Каталонија на вонредните парламентарни избори во Каталонија што ги распиша владата во Мадрид стана најголемата партија којашто се залага за независност, а мнозинството повторно го освоија партиите кои коалицираа со неговата и го распишаа референдумот за независност. Пучдемон бара начини во парламентот повторно да биде именуван за нов каталонски претседател додека е во Брисел, и нафрли дека со покраината би можел да управува преку видеолинк доколку шпанските власти не го повлечат барањето за негово апсење кога ќе се врати во земјата.
Шпанскиот премиер Маријано Рахој ја отфрли таквата идеја и најави дека Мадрид ќе ја оспори таквата одлука пред судовите. Каталонската парламентарна комисија мора до 31-ви јануари да одлучи дали ќе му дозволи такво управување на Пучдемон.