Србија и Црна Гора со нови дневни рекорди на коронаинфекциите

Бројот на заразените со коронавирусот во Србија продолжи да расте трет ден достигнувајќи досега најголема бројка од речиси 1.400 нови зарази, како и соседна Црна Гора која има над 350 нови случаи.

Во четвртокот во Србија здравствените власти пријавија 1.384 нови случаи на заразени со коронавирусот, со што од почетокот на епидемијата во земјата од почетокот на март досега се потврдени вкупно 43.592 случаи на коронаинфекции.

Во последните 24 часа во Србија имало уште шест починати од последиците предизвикани од Covid-19, или вкупно досега 809 смртни исходи. Зголемен е, исто така, и бројот на пациентите примени на болничко лекување, повеќе од илјада од кои се 44 на респиратор.

Црногорските епидемиолози во четвртокот потврдиле нови 354 случаи на инфекција со коронавирусот или повеќе од третина од 937 тестирани примероци, а истовремено и покрај рекордниот показател на дневно ниво, од Националното координативно тело за заразни болести тврдат дека воведените епидемиолошки мерки даваат добри резултати.

Од последиците на Covid-19 во последните 24 часа починале осум лица, речиси исто колку во текот на целиот прв бран од средината на март до почетокот на мај, со што по второто прогласување на епидемијата досега има вкупно 290 луѓе.

Од почетокот на епидемијата бројот на вкупно регитрирани случаи на инфекции со коронавирусот изнесува 17.746 лица, што е речиси 3 отсто од црногорската популација.

Во моментов, пак, активни во земјата се 3.729 случаи, што е просек од 592 на 100.000 жители.

Црногорското Национално координативно тело за заразни болести соопшти дека пополнетоста на капаицитете во Црна Гора е околу 30 отсто, што според него покажува дека епидемиолошките мерки преземени последните неколку седмици дале резултати.