Трамп признава дека сакал ликвидација на Асад, но оти Матис се противел

Американскиот претседател Доналд Трамп призна дека сакал да преземе операција за „елиминација“, односно атентат врз сирискиот претседател Башар ал-Асад во 2017 година, но дека тогашниот министер за одбрана Џим Матис се спротиставил на таквата операција.

„Го сметав него (Асад), се разбира, за лош човек. Попрво би го елиминирал. Сѐ беше подготвено за тоа. Матис не сакаше тоа да го стори. Размислував за обид да биде отстранет, доколку го посакам тоа, но Матис беше против тоа. Матис беше против повеќето од овие работи. Матис беше многу преценет генерал и го пуштив да замине“, изјави Трамп во емисијата „Fox & Friends“.

Според американскиот челник, тој не жали што не ја донел таквата одлука. „Можев и така, и вака“, заклучи Трамп во разговорот емитуван во вторникот на телевизиската мрежа Fox News.

Пензионираниот генерал на Корпусот на маринците на САД, генералот Џим Матис, беше на чело на Пентагон од почетокот на 2017 година и ја напушти позицијата во декември 2018 година, поради несогласувајќи се со некои одлуки на Трамп кој истовремено објави дека министерот заминува порано од планираното. Според тогашните написи во медиуми, Трамп ги оценил тогаш како личен напад јавно искажаните несогласувања на Матис со одлуката на претседателот за повлекување на дел од американските војници во Сирија.

Изјавата на Трамп во вторникот беше дел од критиките на сметка на Матис, кого инаку го нарече „голем човек“ кога го именуваше на чело на американското министерство за одбрана.

Ова признание на Трамп се совпаѓа со некои наводи од книгата на новинарот на весникот The Washington Post, Боб Вудворд кој заедно со Карл Бернштајн своевремено ја откри аферата „Вотергејт“ за политичко прислушување на кампања на демократите поради што претседателот Ричард Никсон поднесе оставка.

Книгата на Вудворд „Fear: Trump in the White House“ (Страв: Трамп во Белата куќа), објавена во 2018 година, Трамп ја нарече измислица.

„За тоа никогаш ниту се размислувало“, изјави Трамп пред новинарите во Овалната канцеларија на 5-ти септември 2018 година, коментирајќи го тврдењето дека сакал да го убие Асад, потсетува агенцијата AFP.

Трамп сега потврди дека размислувал за атентат врз Асад по хемиски напад во април 2017 година кога настрадаа цивил. Тогаш САД и Франција како одговор извршија масивен ракетен напад врз Сирија. Меѓутоа, официјален Дамаск и неговиот сојузник Русија тогаш тврдеа според претходно објавени предупредувања дека западно разузнавање во соработка со сириските џихадистички бунтовници го симулирале наводниот хемиски напад со цел да влијаат врз Трамп да преземе масивна воена операција во Сирија.

Американскиот претседател рекол дека американските сили би требало „да влезат и да го убијат“ Асад, напиша Вудворд во својата книга. Според него, Трамп му се јавил на Матис и отворено му рекол дека сака да го убие сирискиот претседател. Матис го прекинал телефонскиот разговор, се свртел кон еден соработник и му рекол „Ништо од тоа нема да направиме. Ќе бидеме многу поодмерени“.