Тригодишна забрана за влез во Македонија и казни од 300 евра за бугарските државјани приведени на границата

По 300 евра парична казна и протерување, како и забрана за влез во земјата во период од три годии добија тројцата бугарски државјани кои на граничниот премин Деве Баир во саботата беа приведени откако се обиделе физички да нападнат полицајци, соопшти доцна вечерва Министерството за внатрешни работи.

„Околу 12.45 часот на граничниот премин Деве Баир дошло до нарушување на јавниот ред и мир од страна на 35-годишниот Г. З., 50-годишниот А. Х.  и 54-годишниот Р. Х.  бугарски државјани кои најпрво вербално, дрско и недолично со најпогрдни зборови се однесувале, а потоа се обиделе и физички да ги нападнат полициски службеници кои преземале службени дејства, при што се приведени и се работи на целосно расчистување на случајот“, соопшти претходно МВР.

Ова следува откако заврши процесот во судот во Крива Паланка за приведенитебугарски државјани по инцидентот на граничниот премин Деве Баир. Тројцата уапсени бугарски државјани беа товарени за сторен прекршок „нарушување на јавен ред и мир“. Меѓу нив е и пратеникот на „Вазраждане“ Ангел Георгиев.

Судот во саботата доцна вечерта им изрече парична казна во износ од 300 евра и мерка протерување од земјата, како и забрана за влез во државата за период од три години на тројцата бугарски државјани, кои беа приведени денеска на граничниот премин „Деве Баир“ поради нарушување на јавниот ред и мир.

На преминот „Деве Баир“, од македонската страна на границата кон Бугарија од саботата утрото беа воведени засилени полициските контроли, поради најавите за доаѓање организирани групи бугарски државјани за посета на гробот на македонскиот револуционер, Гоце Делчев, на одбележување на 151-та годишнина од неговото раѓање во црквата „Свети Спас“ на скопското Кале.

Во еден период од денот, поради пад на системот за контрола на граничниот премин „Деве Баир“ за влез во земјава се чекаше неколу часови.