Унион Берлин и Шалке 04 ремизираа 1:1 во претпоследниот меч од 30. коло на Бундеслигата. Ова беше дуел на две екипи кои едноставно не знаат за победа.
Унион Берлин има четири порази и три нерешени во последните седум првенствени средби, додека Шалке последен пат во шампионатот победил на 17 јануари. Од тој ден до сега, тимот од Гелзенкирхен одигра 12 меча и има седум порази и пет нерешени. Тоа што е поинтересно е дека и покрај очајните низи, двата тима уште не се во зоната за испаѓање.
Унион Берлин поведе со голот на Роберт Андрих во 11 минута. За Андрих тоа беше прв гол во Бундеслигата и тоа дури по 48 упатени удари кон противничкиот гол. Шалке брзо се врати во егал и тоа благодарение на голот на Џонџое Кени во 28 минута. Во преостанатите повеќе од еден час игра немаше погодоци, па двата тима освоија по еден бод и ја продолжија лошата низа без победа.
Од 18 часот се игра последниот меч од ова коло во Бундеслигата во кој Аугзбург е домаќин на Келн.