Вакцината против Covid-19 што ја произведе американската фармацевтска компанија „Moderna“ произведува антитела коишто траат 90 дена по вакцинирањето, што претставува добра вест додека нејзиното одобрување се преиспитува во некои замји, покажува студијата врз 34 испитаници во почетните клинички испитувања, објавена во четвртокот во медицинското списание New England Journal of Medicine.
Траењето на заштитата од инфекцијата секако е подолго од три месеца, меѓутоа станува збор за првите податоци во повеќемесечен период кои независно ги потврдило некое референтно научно списание. Учесниците во истражувањето ќе бидат следени 13 месеци за да се испита заштитата од заразата и на подолг период, истакнуваат авторите на студијата.
Научниците од неколку национални институти за здравје го испитувале нивото на два типа антитела на коронавирусот 90 дена по примањето на втората доза од вакцината којашто се зема 28 дена по првата.
Забележале „лесен“ и очекуван пад на нивото на антителата кај вакцинираните учесници, но тоа и натаму било високо. Покрај тоа, во таканаречената фаза 1 од испитувањето коешто започнало во март, не е забележан никаков сериозен непосакуван ефект.
Антителата се само дел од имунолошкиот одговор во кој учествуваат лимфоцитите Б, односно имунолошката меморија, производството на антителата, и Т клетките кои ги убиваат заразетени клетки. Научниците истакнуваат дека податоците за клетките со имунолошко паметење сѐ уште не се познати, но претходни студии покажале дека вакцината навистина ги поттикнува клетките „убијци“.
Директорот на Институтот за заразни болести и водечки научник во оваа област во САД, Ентони Фаучи, „неодамна во интервју за агенцијата AFP рече дека е „сигурен“ оти имунолошкото паметење коешто го создава вакцината ќе трае одредено време. Меѓутоа, „не знаме дали тоа ќе биде една, две, три или пет години“, додаде. Времето ќе покаже.
„Ова, севкупно земено, е доста добра вест“, изјави во четвртокот за AFP, Бенџамин Нојмен, професор на тексашкиот универзитет A&M коментирајќи ја споменатата студија, истакнувајќи дека дури и кај постарите лица имунолошкиот одговор е „доста силен“.