Најголемиот активен вулкан во светот, Мауна Лоа на Хаваи, еруптираше првпат по речиси 40 години.
Властите издадоа предупредување за пепел за Големиот остров, а Националната метеоролошка служба ги повика жителите со респираторни заболувања да останат внатре и да избегнуваат вдишување на честички од пепел, а секој што излегува надвор да користи маска или да ги покрие устата и носот со крпа.
Протокот на лава е претежно ограничен, но властите прогласија состојба на готовност и како мерка на претпазливост ги отворија засолништата во случај ерупцијата да излезе од контрола.
Вулканот се наоѓа на Големиот остров на Хаваи и не еруптирал од 1984 година, кога исфрлаше лава повеќе од три недели.
Агенцијата за управување со вонредни состојби на Хаваите соопшти дека добила извештаи за лава која почнала да тече по југозападниот дел од калдерата на вулканот, односно големиот шуплив „сад“ на врвот на вулканот.
Од Агенцијата наведуваат дека засега нема индиции дека лавата ги загрозува населените места, а не се издадени ниту наредби за евакуација.
„Вулканот почна да еруптира околу 23:30 часот по локално време во националниот парк Hawai‘i Volcanoes“, соопшти хавајската опсерваторија за вулкани.
Во соопштението се вели дека врз основа на минатите настани, раните фази на ерупцијата на Мауна Лоа може да бидат многу динамични и дека позицијата и прогресијата на тековите на лавата може брзо да се променат.
JUST IN: Jareb Ombao took this video at a gas station in Kona. Says it appears there’s “lava coming down Mauna Loa”. He’s urging everyone to be on the alert. @USGSVolcanoes @HawaiiNewsNow pic.twitter.com/qd9AMyeuJU
— Eddie Dowd (@EddieDowdTV) November 28, 2022