Високопозиционираниот шпански генерал Мигуел Анхел Виљароја поднесе оставка во саботата по обвинувањата дека ја примил вакцината против коронавирусот пред приоритетните групи, со што станаа еден од бројните функционери кои предизвикаа гнев во јавноста поради прескокнувањето на редот за вакцинирање против Covid-19.
Шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес побарала објаснување од генералот Мигуел Анхел Виљароја, началник на генераштабот, откако во петокот во медиумите се појавија написи дека се вакцинирал против коронавирусот.
Во сооштението за оставката на генералот, министерството за одбрана навестува но директно не потврдува дека Виљароја ја примил вакцината.
„Генералот никогаш немал намера да ги искористи неоправданите привилегии кои ја нарушија сликата за вооружените сили и фрлија сомнежи врз честа на генералот“, објави министерството.
Се додава дека Виљароја „постапил онака како што сметал дека е исправно“, но дека тоа „нанело штета на перцепцијата на јавноста за вооружените сили“.
На почетокот од епидемијата, Виљароја ја преставуваше армијата на дневните прес-конференции на кои информираше како шпанските војници ги чистат домовите за старите лица и се грижат за нивните корисници.
Генералот не бил достапен за медиумите за коментар. Но Шпаниците се бесни поради прескокнувањето на редот за вакцинирање.
„До генералот Виљароја и другите негови колеги, мојот партнер има 67 години, има Алцхајмерова болест и е слеп. Чекаме на вакцината. Тој е службеник, а јас поранешна медицинска сестра и сме во првата група (за вакцинирање). Дали вие сте поважни?!“, ја издвојуваат шпанските медиуми една од бројните реакции на социјалните мрежи, која на Twitter ја објавила корисничка под акаунтот @Marcosendra1.
Стапката на заразените во Шпанија се зголеми од декември, со 42.885 нови случаи регистрирани во петокот и вкупно 2,4 милиони коронаинфекции од почетокот на епидемијата. Во петокот беа регистрирани и 400 починати, или вкупно од почетокот на епидемијата 55.441 смртен исход од Covid-19.