Владата го усвои Предлог-буџетот за 2019 година со кој вкупните приходи и расходи се во рамки на проектираните параметри на Министерството за финансии. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 2,5 проценти од БДП.
Предлог-буџетот, како што денеска информира Владата, ќе биде доставен на усвојување во Собранието на Република Македонија.
– Планираниот дефицит е во согласност со Фискалната стратегија на Република Македонија 2019-2021 и ја потврдува планираната фискалната консолидација, проследена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден значителен фискален простор за инфраструктурни проекти и поддршка на домашната економија, за зајакнување на социјалната праведност и сигурност и за забрзување на евро-атлантските интеграциски процеси, велат од Владата.
На вчерашната владина седница е усвоен и Предлог – законот за извршување на Буџетот за 2019 година, како и Предлог планот и мерките за утврдување програма за намалување на аерозагадувањето. Министерството за финансии е задолжено да ја вклопи Програмата за намалување на аерозагадувањето во Предлог-буџетот за 2019 година.
МИА