Владата на СДСМ за само 4 месеци ја клекна економијата на колена- државата влезе во рецесија

Катастрофалните и штетни економски политики кои во изминатите 4 и пол месеци ги спроведува владата на СДСМ предводена од Зоран Заев ја турнаа Република Македонија во рецесија, односно минусно економско салдо и загуби во економијата. Трет месец последователно се бележи пад на индустриското производство, извозот, пониската просечна плата и другите негативни индикатори со што е намалена конкурентноста на македонската економија.

Една од главните причини за економскиот крах на економијата е преполовување на расходите за капитални инвестиции кое новата влада го направи. Само за споредба, во првите 5 месеци во период кога функционираше техничка влада, во далеку полоша и посложена ситуација за капитални инвестиции на месечно ниво од буџетот се инвестираа околу 25 милиони евра. Во јуни, јули и август, трошење на парите од буџетот на капитални инвестиции изнесува скромни 14 милиони евра.

-Потенцираме, од 25 милиони евра месечно расходи за капитални инвестиции, владата СДС ги намали на 14 милиони евра и оваа е најголемата причина за економскиот пад во Република Македонија. Преполовените капитални инвестиции, директно влијаат на пад во градежништвото кое е претставува мотор и главен двигател на растот на бруто домашниот производ. Намалување на градежните активности, повлекува пад на уште 25 индустриски гранки, што значи дека македонската економија е во слободен вртоглав пад. Домашниот бизнис кризира. Тоа значи дека најголемиот негативен ефект ќе го почувствуваат малите и средни бизниси, изјавија вчера од ВМРО-ДПМНЕ.

Има и пад во градежништвото за огромни 25% за месец јуни, но и падот во другите индустриски гранки, негативно ќе се одрази врз намалување на невработеноста, што ќе значи дека во Република Македонија наместо нови вработувања, ќе има отпуштање на работници.

Падот на индустриското производство, извозот, пониската просечна плата и другите негативни индикатори ја намалија конкурентноста на македонската економија. Тоа почнаа да го нотираат и меѓународните институции. Во последниот извештај на Светскиот економски форум, Македонија воопшто ја нема на листата. Од вкупно 137 земји, Македонија не е ниту приближно до Јемен, Замбија или Уганда, кои се меѓу најнеконкурентните економии во светот. За потсетување, Македонија до лани постојано напредуваше на листата. Беше рангирана на 80-то место во 2012-та и успеа да напредува 12 позиции до лани кога се најде на 68-то место.

Во извештајот се рангирани и сите земји од регионот. Најдобро рангирана е Бугарија на 49-то место, па следуваат Хрватска на 74-то, Албанија на 75-то, Србија на 78-мо и Грција на 87-мо место.

Освен тоа што не нема на меѓународните извештаи, македонското стопанство бележи лоши резултати и по сектори на домашниот пазар, што е показател на негативните тенденции на економијата. На тоа алармираа и бизнисмените и аналитичарите. Последните статистички податоци, пак,  покажуваат пад на индустријата за 5.3%, на градежништвото за 17.3 отсто и намалување на просечната нето плата во јули од 0.6%.

Неоправдано е да се воведе прогресивен данок во услови кога економијата влегува во рецесија

Елизабета Чуповска на неодамнешната трибина „Отворено со Комисијата финансии и монетарни прашања на ВМРО-ДПМНЕ“ истакна дека задолжувањата се оправдани доколку се користат за капитални инвестиции со кои би се вратиле тие средства.

-Уште една апсолутно неиздржана мерка која веќе помпезно се најавува во македонската јавност, а тоа е дека веќе сериозни анализи се прават во Министерството за финансии да се воведе прогресивен данок. По сите економски логики и политики, па и искуства прогресивниот данок е данок кој што одговара на економски стабилни и здрави економии, истакна Чуповска.

Посочи дека прогресивниот данок се добри само за економии со висока активност, висок бруто домашен производ и висок животен стандард.

-Апсолутно економски е неоправдано да воведувате прогресивен данок во услови кога кажуваме дека економијата навлегува во самата рецесија. Самиот прогресивен данок подразбира дека бизнисот ќе располага со помал број на средства кои што ние ја воведовме онаа мерка за ослободување доколку реинвестираат одредена добивка, потенцира Чуповска, појаснувајќи дека во тој случај бизнисмените нема да размислуваат на нови инвестиции и отворање на нови работни места.

Додаде дека неоправдано е да се воведе прогресивен данок кога просечната плата се намалува, а во истовреме да се ветува дека ќе се зголеми платата преку субвенции.

-Како ќе воведуваш прогресивен данок кога просечната плата се намалува?, прашува Чуповска.