„Власта во текот на вчерашниот ден потврди дека нема допир со реалноста. За првпат во историјата литар бензин чини над 100 денари, а ни дизел горивото не заостанува многу и чини 95 денари за литар. Од утрово и цените на основните прехранбени производи брашно, зејтин, месо, јајца, леб, ориз, млеко се повисоки за најмалку 5%. Инфлацијата во април кога имаше некакви мерки беше 10,5%, колку ли ќе биде за јуни со вакво ценовно цунами кое ни се случува“, изјави денеска за медиумите пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Тој истакна дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија познавајќи колку власта е неодговорна, изработи два закона со кои акцизата за горивата ќе се преполови и ќе се даночат со стапка од 5%, наместо моменталните 18%, а прехранбените производи ќе бидат ослободени од ДДВ до крајот на 2022.
– Единствена цел на власта е успешно спроведување на операцијата спасување на владеачката коалиција, а граѓаните за жал се колатерална штета. Повикуваме за малку разум кај колегите од мнозинството и сите заедно на итна седница да ги изгласаме предлог законите за акцизите и данокот на додадена вредност. Цената за литар Еуросупер 95 е 104 денари, со прифаќање на нашиот предлог ќе биде 81 денар. Цената за литар Еуросупер 98 е 106,5 денари, со прифаќање на нашиот предлог ќе биде 83 денари. Цената за литар Еуродизел е 95 денари, со прифаќање на нашиот предлог ќе биде 76 денари. Ваквото ноншалантно однесување за потребите на граѓаните од страна на СДСМ и ДУИ мора да биде казнето на предвремени парламентарни избори оваа есен, појасни Стојаноски.
Тој ги повика граѓаните на 18-ти јуни, да излезат на протестот пред Влада и да им испратат порака дека не ги бива и дека мора да си одат.