Во јануари „Boeing“ го суспендира производството на моделите „737 MAX“

(AP Photo/Ted S. Warren)

Американскиот произведувач на авиони „Boeing“ објави во понеделникот дека во јануари привремено ќе го сопре производството на моделите со ознаката „737 MAX“ поврзани со големите трагедии во Индонезија и Етиопија.

„Во текот на приземјувањето на 737 MAX, Boeing продолжи со производството на авионите од овој тип и моментално во залиха ги имаме 400. Веќе објавивме дека континуирано ќе ги анализираме нашите планови за производство доколку моделите МАX бидат повлечени од сообраќајот подолго отколку што очекуваме. Во рамките на таа анализа одлучивме како приоритет да ја поставиме испораката на веќе произведените авиони и привремено да го сопреме производството во програмата 737 до следниот месец“, се наведува во соопштението на компанијата.

За тоа дека од „Boeing“ имаат намера да го стопираат производството на авионите „737 МАX“ веќе во јануари, претходно објави весникот The Wall Street Journal. Според неговите извори, во последниот период компанијата месечно произведувала околу 40 авиони од овој модел.

Пред неколку дена американската Сојузна управа за воздухопловство (FAA) објави дека постапката за издавање нова дозвола за спорните авиони на „Boeing“ ќе продолжи и следната година. Тоа беше протолкувано како сигнал дека веројатно постапката ќе се протегне на подолг временски период.

„Мораме да довршиме уште низа важни фази во овој процес“, изјави пред членовите на Комитетот за транспорт во Сенатот, директорот на FAA, Стив Диксон.

Регулаторите ширум светот ги повлекоа од сообраќај авионите од типовите „Boeing 737 MAX“ по двете големи катастрофи. На 10-ти март во Етиопија се урна авионот „Boeing 737 MAX 8“ на воздухопловната компанија „Ethiopian Airlines“, при што загинаа 157 луѓе, а претходно на 29-ти октомври 2018 година во пад на авион од истиот модел на компанијата „Lion Air“ во Индонезија загинаа 189 лица.

Менаџментот на „Boeing“ призна дека во двата случаи во авионите пред да се урнат имало дефект во системот за подобрување на маневрирањето, што дефинитивно значеше прекин на експлоатирањето на леталата од оваа серија.