Британскиот премиер Борис Џонсон, за кого лекарите во еден момент помислиле дека ќе ја загуби битката со новиот тип коронавирус, се подготвува следната седмица да го изнесе планот за излегување на земјата од изолацијата.
Во неделата починале уште 315 луѓе, па вкупниот број починати во болниците, во домовите за стари и немоќни лица и во домашни услови е зголеми на вкупно 28.446 луѓе, соопшти шефот на министерскиот совет, Мајкл Гоув.
Обединетото Кралство, коешто според здравствените власти го минало пикот на епидемијата, е втората најтешко погодена земја во Европа по Италија, зад којашто за малку заостанува според бројот на починатите и заболените.
Денеска соопштената бројка претставува пад во однос на претходниот ден, кога имаше раст од 621 починат, но официјалните податоци се подложни на промени и неретко покажуваат пад во текот на викендите поради доцнењата во пријавувањата, по што бројките обично се зголемуваат.
Бројката на заразените лица се зголемила во неделата за 4.339 лица, или вкупно 186.599 пациенти, додаде министерот Гоув.
Во разговор за таблоидот The Sun во недела, прв во кој опширно го опиша своето искуство со болеста Covid-19, 55-годишниот премиер Борис Џонсон вели дека го „водела желбата“ земјата да ја врати „во нормалата“ и дека, додека бил на одделот за интензивна нега минувал „тешки моменти“.
„Не бев баш во особено добра состојба и знаев дека имаат план за итен случај. Лекарите знаеја што треба да сторат ако работите тргнат на лошо“, вели Џонсон потврдувајќи дека лекарите едно време се подготувале и на најлошото.