Незнаењето не ја исклучува одговорноста

Граѓаните секојдневно се „бомбардирани“ со информации за сето она што го прави Владата во интерес на граѓаните. Сите вакви информации произлегуваат од одредени служби во секоја институција посебно, а пренесувани преку „добронамерниците“ на Владата.

Во секој случај, „добронамерниците“ на Владата треба да имаат во предвид дека во услови кога Собранието на РМ ќе биде во ситуација да се собере и да се состане, а ќе се состане, истото има на располагање механизми на преиспитување на Уредбите кои ги носи Владата.

А, Владата преку своите стручни служби, треба да биде известена дека во услови на вонредна состојба, каква што ја имаме сега, како и околностите под кои истата е воведена – запазување на здравјето на сопствените граѓани, па сите Уредби со законска сила што ги носи, истите може и мора да се однесуваат исклучително на моменталната состојба, а тоа е здравјето на граѓаните, како и економската состојба на граѓаните и на општеството.

Наместо тоа, веќе има информации, а произлезени од фактичката состојба, дека до овој момент има околу осумдесет Уредби со законска сила кои немаат никаква поврзаност со здравјето на граѓаните и со актуелната вонредна состојба.

Секако преиспитувањето на таквите активности ќе бидат во надлежност на новиот Собраниски состав, кој има свои механизми истите и да ги преиспитува, со повикување на претставници од секое Министерство за давање образложение за секоја посебна Уредба.

Од тие причини, „пренесувачи“ на информации, не го омаловажувајте и така веќе омаловажениот граѓанин дека Владата прави се’ за подобрување на состојбата на секој граѓанин, за зачувување на секое работно место на секој граѓанин, за подобрување на состојбите во стопанството… итн… итн… итн небулози.

Од вакви причини, доста беше од „подобрување“ на состојбите, затоа што очигледно е дека со ниту една одлука не се подобрува ниту економската состојба на граѓаните, ниту на стопанството. Еден ден избори ќе има, но што порано тоа подобро, подобро затоа што помалку штети ќе се направат, а одговорности за тие штети ќе има.

Тука, имајќи го предвид ставот на Државната Изборна Комисија дека и се потребни 55 дена од денот на распуштањето на Собранието за да може да ги спроведе сите дејствија за продолжување на прекинатиот изборен процес, па имајки предвид дека овие 55 дена се поминати, потребно е продолжување на изборниот процес веднаш со донесување на Уредба за изборниот процес, со што ќе се овозможи на Државната Изборна Комисија да донесе ревидиран роковник за одржување на предвремените парламентарни избори.

Но, она што мора да биде новина, новина во смисол на пракса, а не новина како законско решение, од причина што ова прашање законски е уредено, а тоа е дека и „пренесувачите“ на информации ја имаат одговорноста за извршена измама врз сопствените граѓани во услови на пласирање на информации доколку истите ни приближно не коренсподираат со вистинската состојба.

Говорницата од која се споделуваат ваквите информации не е бариера за заштита од одговорност, говорницата е дополнителен елемент кој ја зголемува одговорноста.

Од тие причини, за „пренесувачите“ на информации… кога ќе ви дадат текст да го прочитате од јавна говорница и со истиот да му се обратите на народот, добро прочитајте каков текст ви е даден и преиспитајте ја вистинитоста на тоа што ви е напишано и тоа што треба да го пренесете. Во вакви прилики, не во некои моменти, но во многу моменти ќе треба да го одбиете текстот за читање…. одлуката е ваша, затоа што и последиците ќе бидат ваши.

Автор: адвокат м-р Стојанче Геровски за НетПрес