Во епидемијата на коронавирусот најмалку 20.000 повеќе починати во британските старски домови

Во домовите за стари лица во Англија и во Велс во текот на епидемијата на новиот тип коронавирус починале најмалку 20.000 луѓе повеќе отколку во истиот период претходните години, според пресметките на агенцијата Reuters врз основа на официјалните податоци.

Во текот на осум седмици до 1-ви мај во домовите за стари лица во Англија и Велс, вкупно од сите причини починале 37.627 луѓе, според податоците на Националното биро за статистика (ONS).

Врз основа на споредбата со просечните седмични бројки на смртни случаи во истиот период во текот на последните пет години, агенцијата Reuters пресметала дека во Англија и Велс годинава имало 19.900 смртни случаи повеќе.

Од оваа бројка се исклучени уште стотици починати во Шкотска и смртните случаи по 1-ви мај. Некои штитеници на овие домови се префрлени во болници и таму починале, и тие исто така не се вклучени во оваа статистика.

Споредбата на бројката на смртните случаи со просечниот морталитет, статистичарите го сметаат за најточен начин за процена на последиците од епидемијата, вклучително и случаите директно предизвикани од епидемијата и индиректно предизвиканите случаи, на пример поради намалената грижа за другите здравствени проблеми.

Бројот на починатите од Covid-19 во Обединетото Кралство сега го мина прагот од 40.000 што е убедливо најмногу во Европа, покажаа новите податоци објавени во вторникот. Таквата бројка ги поттикнува дополнителните прашања во медиумите за управувања на владата на Борис Џонсон со кризата со ширењето на коронавирусот.