Дваесеттина илјади луѓе се повикани привремено да ги напуштат своите домови во населба во Франкфурт, во централна Германија, откако е откриена бомба тешка 500 килограми, заостаната од сојузничките бомбардирања кон крајот на Втората светска војна, соопшти во понеделникот франкфуртската противпожарна служба.
Станува збор за американска авионска бомба пронајдена во текот на градежни работи во квартот Бокенхајм, каде што е сместен универзитетски кампус.
„Околу 20.000 луѓе мора да го напуштат својот дом до среда во 9 часот“, соопшти противпожарната служба на Франкфурт и додава дека експлозивот треба да биде деактивиран подоцна во средата.
Почвата во германските градови сѐ уште е полна со неексплодиран бомби, на коишто често се надоаѓа во текот на градежните работи, 77 години по завршувањето на Втората светска војна.
Во 2017 година во Франкфурт беше пронајдена бомба тешка 1.4 тони, поради којашто беа евакуирани 65.000 луѓе.
Во декември 2021 година ба градилиште близу железничката станица во Минхен експлодираше бомба од Втората светска војна, при што четири лица загинаа и прекинат беше железничкиот сообраќај. Дотогаш единствен несреќен случај беше забележан само во јуни 2010 година, кога експлодираше бомба од 500 килограми кај Гетинген, кога загинаа три а беа повредени две лица.
Сојузничките авиони во текот на воздушната битка за Берлин во брзањето да го оневозможат влегувањето на советските трупи исфлриле над 45.000 тони бомби. Стручњаците проценуваат дека околу 20 отсто од бомбите не експлодирале.
Германските власти се под притисок дека мора да ги отстранат неексплодираните бомби од населените области, бидејќи стручњаците предупредуваат и тврдат дека бомбите со текот на времето стануваат сé поопасни поради „заморот на материјалот“ и корозијата на нивните капсули.
Пронаоѓањето на неексплодираните авионски бомби од Втората светска војна е речиси вообичаено во Германија, врз којашто сојузничките западни и тогашните советски сили фрлиле милиони тони бомби кон крајот на војната. Секоја година во Германија се неутрализираат по околу 5.500 неексплодирани бомби и други експлозивни средства.
Неексплодираните бомби заостанати од сојузничките бомбардирања на тогашна нацистичка Германија кон крајот на Втората светска војна, често се наоѓаат во германските градови при градежни работи или одржување на инфраструктурата. Поради тоа, многу локални власти имаат специјални екипи задолжени за нивно откривање и безбедно детонирање.
Вкупно врз Германија за време на Втората светска војна биле фрлени повеќе од два милиона бомби, од кои меѓу 5 и 20 отсто, односно најмалку 100.000 не експлодирале. На неколку месеци, некогаш и почесто, при изведување градежни работи се откриваат вакви експлозивни направа. Вообичаено, властите објавуваат дека ниедна од нив не претставува реална закана за безбедноста на луѓето, и по неколку часа се неутрализирани.
Најмногу бомби во Втората светска војна се фрлени врз германската престолнина Берлин – повеќе од 68.000 тони, Хамбург – 45.000 тони , како на територијата на Рурската област – 162.000 тони. Хановер, исто така, бил цел на чести бомбардирања на сојузничките воздухопловни сили во последните години од војната. Само на 9-ти октомври 1943 година врз овој град биле фрлени 261.000 бомби.