Во Словенија 726 нови коронаинфекции но со најголем процент заразени од вкупно тестираните

Во Словенија во последните 24 часа со спроведените 3.765 тестови потврдени се 726 нови случаи на зараза со коронавирусот, објави во неделата словенечката влада, што е досега највисок процент на заразените во однос на бројот на тестираните лица.

Станува збор за помал број заразени со новиот коронавирус во однос на саботата, кога беа забележани досега рекордни 898 коронаинфекции во еден ден.

Но портпаролот на словенечката влада за ситуацијата со коронавирусот, Јелко Кацин, предупреди на Twitter дека тоа не значи оти ширењето на вирусот е забавено, бидејќи во претходните 24 часа биле изведени помалку тестирања, а процентот на позитивните случаи на тестираната попилација во однос на претходниот ден е зголемен од 16 дури на 19,28 отсто.

А тоа е највисокиот удел на позитивните во однос на бројот тестирани и значи дека речиси секој петти примерок бил позитивен.

Целосните податоци за наодите во последните 24 часа, со состојбата по болниците и регионите, владата ќе го објави подоцна во текот на денот.

Во денешната објава на социјалните мрежи на јавноста ѝ се обрани Јанез Поклукар, директор на најголемата словенечка здравствена установа, љубљанскиот Универзитетски клинички центар, во кој се лекуваат најголем број заболени и каде што речиси е пополнет капацитетот на одделот за интензивна нега.

„Следните седмици ќе искусиме нешто што нашата генерација сѐ уште не го доживеала и за што никој не можеше да се подготви. За две до три седмици ќе имаме ситауција полна со невозможни препреки“, напиша Поклукар.

Апелира на разбирање и солидарност при придржувањето на епидемиолошките мерки, за болнциите да можат да го издржат притисокот врз целиот здравствен систем во земјата.

„Здравствените работници ќе можат да помогнат само доколку им помага целата заедница“, додава Поклукар.

Словенечките епидемиолози и претставниците на владата во неделата вечер на нов итен состанок ќе одлучуваат за можно воведување нови епидемиолошки мерки, откако најголемиот дел од државата стана ткн „црвена зона“ со повеќе од 140 зарази на 100.000 жители.

Од неделата на сила стапи мерката според која во „црвените зони“ се забранети верските обреди со присуство на верниците, додека во регионите кои се во „портокаловата зона“ на литургиите може да има најмногу десет луѓе.

Поради големиот број нови коронаинфекции кој расте од ден во ден, словенечките епидемиолози повеќе не ги бараат контактите на лицата кој кои тестирањето дало позитивен резултат, бидејќи се преоптоварени и со мал капацитет за тоа во оваа фаза од епидемијата. Поради тоа, заразените мора самите да ги известат своите контакти, односно лицата со кои имале допир.