Во Словенија потврдени над 1.660 нови случаи, над 10.000 активни случаи на Covid-19

Во Словенија во последните 24 часа потврдени се 1.663 нови случаи на зараза со коронавирусот, што е нов рекорд на дневно ниво по 1.503-те инфекции ден претходно, според официјалните податоци кои во четвртокот ги објави словенечкото министерство за здравство.

Со тоа, бројот на потврдените коронаинфекции од почетокот на епидемијата во Словенија се зголеми на 17.646 случаи, а активни се 10.136 зарази. Инциденцата на инфекцијата, која покажува колку заразени има на 100.000 жители во 14 дена, се зголеми на 484.

Во словенечките болници се хоспитализирани 357 пациенти, од кои 62 се на одделите за интензивна нега, додека со новите седум смртни случи како последица од Covid-19, овој показател се зголеми на 207 починати.

Министерот за здравство Томаж Гантар и шефицата на стручниот тим за Covid-19, Бојана Беович, изјавија во средата вечерта за електронските медиуми дека медицинската струка уште минатата седмица на владата ѝ препорачала „привремено потполно затворање“ кое би било на сила додека состојбата со епидемијата не стивне, а би вклучивало и затворање на трговските центри и хотелите. Но владата засега сака мерки коишто ќе балансираат меѓу одржувањето на економската активност и јавниот живот, а ширењето на вирусот да се ограничи со дисциплинирано однесување на граѓаните.

И покрај мислењето дека здравствениот систем за некоја едмица може да крахира поради големиот број хоспитализации, министерот за здравство Гантар рече дека верува оти Словенија, која располага со 7.500 кревети во болниците, не би имала проблем десетина од тие капацитети да ги резервира за ковид-пациентите, и дека ситуацијата кога станува збор за здравството е под контрола.