Во Словенија во последните 24 часа со направени 5.596 тестови потврдени се 1.302 нови случаи на зараза со коронавирусот, а од последиците предизвикани од компликациите од Covid-19 починале дури 59 луѓе, што е најмногу од почетокот на епидемијата во земјата, соопшти во вторникот словенечката влада која бара драстично зголемување на казните за оние кои не се придржуваат до санитарно-епидемиолошките мерки.
„Податоците не се нималку охрабрувачки, а епидемијата не стивнува“, изјави на прес-конференциајта портпаролот на владата за ситуацијата со епидемијата, Јелко Кацин, додавајќи дека не може да се зборува за изделени жаришта на вирусот, бидејќи тој е раширен по целата земја.
Бидејќи се оценува дека една од причините за пребавното стивнување на епидемијата е непридржувањето на епидемиолошките мерки, словенечката влада во парламентот испрати предлог за измена на Законот за епидемијата со кој бара драстично зголемување на казните за прекршителите, па со тоа максималните казни би се зголемиле на дури 10.000 евра од 400, колку што изнесуваа пролетва.
Опозицијата, пак, смета дека ваквото санкционирање е непропорционално и бара владата да воспостави подобра комуникација со граѓаните.
Словенечки медиуми пренесуваат дека тамошните епидемилиози, сепак, гледаат позитивни придвижувања. Спроед нив, тоа е фактот што пред седум дена бројот на новите дневни зарази беше поголем, во просек по 1.391 на ден. Покрај тоа, намален е и уделот на позитивните тестови во вкупната анализа на примероците, па сега изнесува 23 отсто, додека минатата седмица се движеше и до 30 отсто.
Од друга страна, пак, епидемиолозите се загрижени од тоа што со сите рестриктивни мерки бројот на новите зарази и натаму е висок, дека се зголемува бројката на хоспитализирањата на дневно ниво, но и бројот на смртни исходи од Covid-19.
За разлика од првиот бран на епидемијата пролетва, кога имаше 108 починати, бивниот број сега достигна 1.156. Вирусот е присутен во речиси сите домови за стари и немоќни лциа, додека во првиот бран ја зафати само секоја десетта ваква установа.
Според податоците кои ги објави словенечкото министерство за здравство, бројот на активните случаи на заразата со вирусот во моментов изнесува 20.337, 14-дневната инциденца изнесува 970, а и натаму се зголемува бројот на оние кои бараат помош во болниците. Во моментов хоспитализирани се 1.299 пациенти, од кои 204 се на одделите за интензивна нега.