Во Њујорк имунитет на Covid-19 стекнале 20 отсто од жителите

Околу 20 отсто од жителите на американската метропола Њујорк стекнале имунитет на новиот коронавирус, изјавил во петокот Џон Бруно, директор за информации во одделот за здравство на сојузната држава Њујорк.

„Според неодамнешните истражувања за серопревалентноста, спроведени од Департментот за здравство на државата Њујорк, антителата се присутни кај околу 20 отсто од жителите на (градот) Њујорк, но показателите варираат во зависност од местото на живеење“, се наведува во писмената изјава на Бруно за руската новинска агенција РИА.

Притоа истакнува дека е прерано да се зборува за колективен имунитет, бидејќи сѐ уште се проучува што значи присуство на антителата против Covid-19 за некоја личност и колку долго некое лице ќе го има таквиот имунитет.

„Ние не знаеме кога одредено ниво на имунитет во една заедница ќе прерасне во колективен имунитет“, истакнува Бруно.

Њујорк беше жариште на епидемијата на коронавирусот во САД. Во најтешките денови, повеќе од 700 лица ѝ подлегнуваа на заразата од коронавирусот и над 3.000 луѓе беа хоспитализирани во едно деноноќие.

Севкупно, во градот Њујорк, според најновите податоци, од коронавирусот починале 18.758 лица, а за други 4.600 смртни случаи потребни се дополнителни проверки. Според последниет податоци, 217.562 илјади лица се заразиле во градот со речиси 8,4 милионско население.