Вонредна состојба е прогласена во Мали поради еболата, по смртта на двегодишно девојче.
Починатото двегодишно девојче, кое било заразено со болеста, можело да ја пренесе врз многу луѓе за време на своето патување низ земјата, затоа што крвавело од носот. Патувајќи со својата баба, таа минала преку пет града, вклучувајќи ја и престолнината Бамако, каде минала два часа, предупредува СЗО.
Девојчето почина вчера, по враќањето во својот роден град Кајес, за време на лекувањето во локалната болница, соопштија британските медиуми.
„Има голема веројатност луѓето да биле изложени на контакт со вирусот, додека детето покажувало очигледни симптоми“, се наведува во соопштението на СЗО.
Здравствените експерти подвлекуваат дека инфицираните стануваат заразени дури откако ќе се покажат симптомите на болеста.
По посетата на соседна Гвинеја, каде присуствувало на погреб, девојчето имало зголемена температура од 39 степени, кашлање, течење крв од носот и зачестено одење во тоалет.
При првичната истрага пронајдени се 43 лица кои дошле во контакт со детето, вклучувајќи и 10 медицински работници. Сите се изолирани.
Во Мали веќе има експертска екипа на СЗО за контрола на инфекциите и логистиката. Организацијата итно испраќа и дополнителна екипа експерти.
Откако случајот и официјално ќе биде потврден од СЗО, Мали ќе стане шестата земја од западна Африка, во која е откриен случај на хеморагична треска. Најмногу жртви има во Либерија, Гвинеја и Сиера Леоне. Во Нигерија и Сенегал епидемијата е прогласена за завршена.