Врие во Карпош – Трнодол се мобилизира со протести и тужби

Револтирани од насилното инсистирање на градоначалникот на Општина Карпош по секоја цена да го истурка носењето на контравезниот ДУП, граѓаните од Трнодол се подготвуваат за протести и неколку тужби кон Општината, градоначалникот, а можеби и кон општинските и градски советници .

 

Општината ја закажа јавната презентација во работно време во вторник од 15.30 часот иако граѓаните бараат таа да биде во нормално време после 17 часот . Граѓаните првата јавна расправа ја сметаат за неоддржана и прекината поради немање на документи од страна на општината.

Веќе е поднесена преставка пред Уставниот суд за преиспитување на носење на новиот регулациски план донесен во јуни 2018 г. од страна на Град Скопје и каде што на чуден начин е поделена населбата и споена со т.н. Шпанско село, а се со цел да може да се издејствува помала густина на населението. На тој начин ќе може да се вцртуваат нови градби, без ограничувања и без да се запазат законските нормативи за сообраќај и живеење.

Целата постапка е контравезна уште од самиот почеток кога во сред лето беше распишана јавна презентација со непрофесионално изработениот предлог ДУП, а сега пред Нова година пред славата Свети Никола се брза да се донесе ДУП , кој може да предизвика лизгање на големи земјани маси поради градење во заштитно зеленило под брдото и во заштитниот канал од поплави.

Истивремено се загрозува и сообраќајната безбедност на улиците Козле и Трнодол, како и отварање на можност за градежна инвазија и градење на населба, која навлегува во заштитното подрачје на Парк шумата Водно, а која ќе се протега над контравезното Шпанско село и над населбите Трнодол, Жданец и Козле, а до која е планирано да се пристигнува преку планираната Јужна обиколница и сервисниот пат кои треба да поминува низ самата населбата Трнодол по несоодветни и тесни улици.

Со еден збор се планира нова населба која би била копија на онаа околу бившиот хотел „Панорама“ а која повеќе би наликувала  на Дебар Маало отколку на Парк- шума како што засега се именува.

Спорен детаљ се и маркиците за градба кои се директно позиционирани врз каналот што ги собира водите од планината. Планираните петокатници дефинитивно ќе го загрозат слободниот проток на води  во случај на големи дождови и дополнително ќе го поткопаат брдото.

Факт е дека една од спорните маркици, згради под брдото, во појасот на заштитно зеленило, се од времето на Стефче Јакимовски од 2002 и 2010 година а последиците од тоа неразумно градење се јасно видливи денес.

Затоа од градоначалникот се бара да биде совесен и разумен и да го повлече предолжениот ДУП и согласно позитивните законски прописи за безбедно станување, предложи до советот на општината да донесе мораториум за градба и издавање дозволи за градба во ризичното подрачје како што се брдата под Трнодол и Жданец. За оваа опасност постои истражување од 2010 година нарачано од Општината и уште едно испитување кое реализирано од германската амбасада. Резултатите од тие испитување се дека населбата Трнодол лежи на ПОТЕНЦИЈАЛНО НЕСТАБИЛНА ПОЧВА. Затоа задача на Општината е  да го заштити брдото со пошумување, зацврсти со шипови, да го регулира течењето на водите во каналите  и заштити од ерозија со ново пошумување бидејќи во овој потег има преку 120 исушени дрвја, како и да да преиспитаат сомнителните потпорни зидови под брдото позади двете веќе изградени згради на улица Козле.

Граѓаните бараат забрана и за било какво градење во парк шумата Водно –  над нивните населби, враќање, односно поништување на контраверзниот регулациски план, прифаќање на нивните скромни и реални барања , па дури потоа да се отвара иницијатива за нов предлог ДУП. Во исто време ја повикуваат и Владата и Собранието да изгласаат ветените закони за подобрување на состојбите во урбанизмот и продажбата на државно земјиште од страна на Општините за дооформување на парцела.

Спротивно од ветувањата пред минатите избори, дека ќе се смени начинот на узурпирање на јавниот простор и заштита на Парк шумата Водно, градоначалниците продолжуваат со неразумно служење на градежните профитери инаку како би се толкувало  туркањето на овој ДУП со кој се прекршуваат еден куп законски и урбанистички закони и нормативи и желбите на граѓаните.

Затоа покрај првната борба со тужби и проверка на уставноста , наскоро се планират масовни протести заедно со граѓаните од населбите Козле и Жданец, на неколку локаци низ општината на кои им е преку глава од манипулативното носење на ДУП-ови низ цело Скопје  и во Општина Карпош.