За ајатолахот Хамнеи борбата против Израел е јавна должност

Иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи ги повика во петокот сите муслимански земји да ја продолжат борбата против Израел, за кого рече дека не е држава туку „теорирстички гарнизон“ против Палестинците.

„Борбата против деспотскиот режим е борба против угнетувањето и против тероризмот. Јавна должност е да се борите против овој режим“, изјави ајатолахот Хамнеи во петочниот говор традиционално пренесуван на телевизијата.

Хамнеи се обрати на одбележувањето на иранскиот Ден на Кудс, што е арапскиот назив за Ерусалим, кој се одбележува последниот петок од муслиманскиот свет месец Рамазан.

Спротиставувањето на Израел, во Иран се смета за израз на патриотизмот и верата. Техеран не ја признава Државата Израел, и ги поддржува палестинските и либанските исламски милитанти кои се противат на мирот со еврејската држава.

„Соработката на муслиманските нации по прашањето на Кудс (Ерусалим) претставува кошмар за ционистите“, рече Хамнеи.

Пандемијата на коронавирусот годинава ја принуди владата да ја откаже традиционалната парада за Денот на Кудс. Но иранските државни медиуми емитуваа снимки на мотоцикли и возила со палестински и знамиња на либанското шиитско движење Хезболах по улиците на Техеран. Беа објавени и фотографии на кои луѓе палат израелски и американски знамиња.