За следните четири години 105 проекти во информатичкото општество и администрацијата

„Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за следниот четиригодишен период, подготвивме 105 проекти во областа на информатичкото општество и јавната администарција,“ изјави Марта Арсовска Томовска.

Проектите се во насока на развој на електронските комуникации, системи за контрола и мониторинг на радиофреквенции, подобрување на квалитетот на радио и ТВ сигналите, развој на владината ИТ инфраструктура и воведување на современиот концепт на работа во облак технологија,воведување на интероперабилни системи во и меѓу државните институции заради прибавување и размена на докази и податоци по службена должност,развој на високософистицирани веб-базирани и мобилни апликации од програмите на е-Влада и м-Влада,подобрување на дигиталната писменост, едукација и популаризација на информатичките технологии кај сите категории на граѓани и во сите средини,поддршка на македонските ИТ компани за поголема конкурентност на домашниот и на странските пазари.

Со особено задоволство би сакала да истакнам дека во изработката на програмата значителен придонес со свои предлози дадоа информатичките комори и тоа МАСИТ и Сојузот на Стопански Комори, како и многубројни ИТ компании, за што ќе ја искористам приликата уште еднаш да им заблагодарам.

Важни проекти кои ќе бидат реализирани во следниот период се:

-Национален портал за е-услуги – Порталот uslugi.gov.mk ќе прерасне во централизиран портал за сите владини е-услуги, во кој ќе се интегрираат веќе достапните услуги и ќе се развијат нови во областите образование, здравство, социјална заштита, судство, градежништво, инспекциски служби и други области. Во зависност од видот на услугата, идентификацијата на корисниците ќе се базира на дигитален сертификат на USB, на електронска лична карта или пак на корисничко име и лозинка за оние услуги кои не бараат високо ниво на безбедност и дигитално потпишување. Со ваквиот портал, преку компјутер поврзан на интернет, од дома или од работното место, граѓаните, компаниите и странските државјани, наместо да одат на шалтер, ќе можат онлајн да ги добијат потребните потврди, решенија, одобренија, дозволи и други документи.

-Проектот Една точка за услуга е наменет за оние граѓани кои немаат можност или познавање на работа со компјутер, да можат едноставно да побараат и да добијат услуги од владините институции. За таа цел, ќе се отворат услужни центри, таканаречени точки за услуги, кои ќе бидат поврзани на компјутерските системи на институциите. Предлагаме една канцеларија во центарот на Скопје, и неколку канцеларии во поголемите градови во РМ кои би биле сместени во општинските згради или во канцелариите на Македонски Пошти.
Дополнително, во неколку други општини, каде нема подрачни единици на централните институции или услужни центри, ќе се постават Самоуслужни автомати. Врз база на електронска идентификација (на пр. биометриски документ) ќе се добиваат различни услуги и документи како извод од матична книга, имотен лист, документи од Фондот за здравствено и пензиско осигурување и останатите институции кои ги издаваат своите услуги електронски. Граѓаните ќе можат преку платежна картичка да ја платат услугата и дополнителни режиски услуги како вода, струја, телефонија итн.

-Проектите е-Пријава за упис во градинка, во основно/средно училиште и е-Упис на факултет, претставуваат електронски сервиси за упис. Системите ќе овозможат размена на информации помеѓу апликантите и образовните институции, размена на податоци помеѓу самите образовни институции и пристап до резултатите од процесот за упис. При аплицирање на факултет нема да се приложуваат оценките од средно училиште, бидејќи истите ќе бидат достапни во системот. На овој начин родителите ќе можат од дома, побрзо, полесно и без турканици и стрес, да ги запишат своите деца во градинките или во образовните институции.