Во земјотресот со магнитуда од 7,5 по Рихтер кој го погоди во вторникот Мексико, оштетени се 55 објекти во сојузната држава Оахака, кои се сметаат за културно наследство на земјата, соопшти тамошното министерство за култура.
„Националниот институт за антропологија и историја (INAH) и Институтот за културно наследство на државата Оахака во својот последен извештај наведува дека 55 објекти од културното наследство биле оштетени во Оахака, епицентарот на потресот“, се истакнува во соопштението на мексиканското министерство.
Притоа се истакнува дека 40 објекти претрпеле помали оштетувања, штетите на 11 се проценуваат како средни а на четири како сериозни. Оштетени се и неколку музеи, катедрали, храмови и археолошки зони.
Силниот земјотрес го погоди јужниот дел на Мексико во вторникот. Епицентарот на потресот беше регистриран на 23 километри јужно од градот Курсесита во државата Оахака. Според податоците на мексиканската Национална сеизмолошка служба, до 14,30 часот по локално време биле регистрирани 447 последователни потреси, од кои најсилните биле со магнитуда од 4,6 по Рихтер.
Земјотресот бил силно почуваствуван во вкупно 11 мексикански сојузни држави, но во десет од нив: Чиапас, Гереро, Морелос, Табаско, Веракруз, Пуебла, Мичоакан, Тласкала, Идалго и рагионот на главниот град Сидуад де Мехико, не се пријавени поголеми штети.
Истовремено, нациналната агенција за цивилна заштита објави дека 30 лица се здобиле со различни повреди. Според последните податоци, во земјотресот загинале шест лица, сите во државата Оахака.