Жестока дебата меѓу Богдановиќ и Белчева: Дали ДУП-от нуди подобри решенија за центарот на градот?

Советничка во општина Центар, Јана Белчева, во вечерашната емисија Топ тема на ТВ Телма, оцени дека јавната расправа за деталниот урбанистички план “Мал Ринг” е отворена во погрешен миг, кога во државата нема функционални институции по парламентарните избори и во екотот на пандемијата корона вирус, што го потврдува и фактот дека досега во расправата се вклучиле претставници на само 2 институции. Таа додаде дека голем проблем во ДУП-от не е само фактот дека во него се содржани повеќе објекти планирани со озлогласениот проект на претходната власт “Скопје 2014”, туку тој и не нуди визија за срцето на една европска метропола.

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, ја праша кој би бил вистинскиот момент за отворање на јавната расправа и поднесување на ДУП-от.

Според Богдановиќ, доколку општината во ДУП-от ги отфрли спорните објекти од проектот Скопје 2014, за кои се отворени повеќе постапки поврзани со јавно-обвинителски истраги и има судски одлуки, посочувајќи го како пример проектот “Шпански скали”, тогаш ќе им направи само услуга на инвеститорите на овие објекти, кои веќе платиле одредени комуналии, кои потоа ќе можат да ја тужат државата.

Богдановиќ изјави дека во општина Центар за “Мал ринг” има на сила план кој е донесен во 2012-та година и неколку пати е менуван. Тој додаде дека секоја измена која треба да се направи во центарот на градот, мора да биде направена со нов детален урбанистички план.