Зошто Франција сега е принудена да увезува заштитни маски?

Пред нешто повеќе од два месеци, пред избувнувањето на пандемијата, тогашниот француски министер за здравство тврдеше дека има многу заштитни маски во земјата, но денес Франција се соочува со огромен недостиг од нив. Иако четири фабрики во Франција произведуваат маски, тие не можат да и' излезат во пресрет на зголемената побарувачка, затоа Франција мора да увезува од Кина. 

Четири фабрики произведуваат хируршки маски во моментот во Франција, но таа не е  во состојба да се справи со зголемената побарувачка која изнесува 40 милиони маски неделно. За да им обезбеди соодветна заштитна опрема на здравствените работници, земјата мора да нарача маски од Кина, објави Агенцијата V4NA.

На 26 јануари, тогашниот министер за здравство Агнес Бужин тврдеше дека нема да има недостиг на маски во земјата во случај на епидемија. Во тоа време, во Франција имаше само три потврдени случаи.

На 19 февруари, Франција испорача 17 тони маски и друга заштитна опрема во Кина, иако бројот на пациенти се зголеми на 12, а едно лице почина. Министерството соопшти дека пратката нема да биде од потреба за француските болници бидејќи имало многу маски на залиха.

Две недели подоцна, на 3 март, Емануел Макрон објави дека ги запленил сите маски како во залиха така и во производство во Франција за здравствените работници, практично признавајќи дека во тој момент веќе биле во недостиг. Бројот на пациенти порасна на 212 и четири лица починаа од инфекцијата.

Поминаа уште две недели кога, на 17 март, министерот за здравство Оливие Веран изјави дека 110 милиони маски се на залиха. Тој го оцени тој број како доволен, иако ги избра своите зборови повнимателно, велејќи дека ќе зависи од тоа колку ќе трае епидемијата. Во тоа време во земјата има 7.730 пациенти, а бројот на починати се  искачи на 175.

Неколку дена подоцна, на 21 март, министерот за здравство објави дека нарачале 250 милиони маски и ќе бидат доставени во неколку пратки. Тој тврдеше дека има 86 милиони маски на залихи во земјата, додавајќи дека во снабдувањето биле опфатени 5 милиони единици маски FFP2 кои обезбедуваат поголема заштита и 24 милиони единици неделно се очекувало да бидат искористени. Пандемијата веќе е широко раширена во Франција, со 14.459 пациенти и 562 смртни случаи.

Со зголемувањето на бројот на заразени, предвидената неделна употреба од 24 милиони маски се искачи на 40 милиони. Бидејќи производителите во Франција немаат капацитет да произведуваат такви количини, маски мораше да се нарачаат од Кина. Првите пратки со заштитна опрема пристигнаа на аеродромите „Чарлс де Гол“ и „Париз-Ватри“ на 30 март, во Париз. Сите, вкупно 16 пратки, се очекува да пристигнат во април.

Француската малопродажна компанија за спрортска опрема „Декатон“ го објави на Твитер дека компанијата ќе ја прекине онлајн продажбата на нуркачки маски и ќе им ги понуди маските (кои можат да се претворат во импровизирани респиратори) на болниците.

Вчера, Емануел Макрон го посети најголемиот од четирите француски производители на маски и рече дека Франција имала цел да биде целосно само-одржлива во производството на маски до крајот на годината, истакнувајќи дека фабриките треба да го зголемат производството за да ја постигнат оваа цел.

Во понеделникот, досега невиден број, 412 лица го загубија животот, со што бројот на починати достигна вкупно 3.024 во Франција. Во моментов, во болниците има 21.000 пациенти, од кои 5.056 се во критична состојба и се поставени на респиратори.