Најдени уште две тела на жртвите во бродоломот на Дунав

Унгарските нуркачи во четвртокот пронашле тела на уште две жртви во потонувањето на туристичкиот брод „Hableany“ (Сирена), кој се судри со речниот крузер „Viking Sigyn“ ноќта на 29-ти мај на Дунав близу унгарскиот парламент во центарот на Будимпешта, пренесува агенцијата Reuters.

Претходно во четвртокот агенцијата Associated Press повикувајќи се на полициски извори објави дека се најдени нови две тела на жртвите.

Така, досега во четвртокот вечерта пронајдени се телата на вкупно 17 смртно настрадани. Уште 11 лица сѐ уште се водат како исчезнати, меѓу кои се и двајцата членови на унгарскиот екипаж кои управувале со пловилото кое носело група јужнокорејски туристи на ноќно пловење по Дунав низ Будимпешта.

Од вкупно 33 туристи, само седумина се спасија, а телата на седум жртви беа најдени веднаш по несреќата. Според јужнокорејската новинска агенција Yonhap, туристите биле на турнеа која опфаќала шест источноевропски земји.

Се очекува следните денови огромниот пловечки кран да го извлече потонатиот брод. Кранот „Адам Кларк“ именуван според шкотскиот инженер кој ја надгледувал изградбата на мостот во Будимпешта завршен во 1849 година, останал заготвен во четвртокот со северниот дел на унгарската престолнина, бидејќи водостојот на Дунав не му дозволувал да стаса до местото на кое се лоцирани остатоците од потонатиот брод.