Домашната Австрија ја елиминираше Македонија од ракометното ЕП

Ракометната репрезентација на Македонија ги заврши во вторникот настапите уште во групната фаза на Европското првенство кое се игра во Австрија, Норвешка и Шведска, затоа што во клучниот дуел во групата убедливо загуби од Австрија 32:28 (18:12), еден од домаќините на континенталниот турнир.

Во решавачкиот дуел македонските репрезентативци како да потклекнаа на императивот на победата, и како никогаш на досегашните пет учества на европските шампионати во еден момент беа во заостанување од десет голови.

Австрија во дуелот влезе силно и поведе со 4:1, но Македонија успеа да израмни на 4:4 и при овој резултат Кирил Лазаров не искористи напад за водство. Потоа Македонија во ниту еден момент од натпреварот резултатски не му се приближи на противникот, поради погрешно избраната тактика или поради неможноста на играчите да го спроведат договоротено.

Македонските ракометари направија невообичаено голем број технички грешки и во нападот и во одбраната, премногу загубени топки и неискористени чисти шанси, а австриските немилосрдно ја казнуваа секоја грешка.

Данило Брестовац не успеа да најде решение да го разбуди тимот, и на крајот им даде шанса на играчите со помала минутажа да собираат искуство, кои многу брзо ќе треба да бидат главните носители на играта.

Со една минимална победа над Украина и два порази од Чешка и Австрија, во групата што дефинитивно е најлесна од шесте на овој европски шампионат, елиминацијата е апсолутно заслужена, но и алармантна за патот по кој македонскиот ракомет се движи во последните години.