На годишен одмор ова лето нема да патуваат 65,7 отсто Шпанци, поради здравствената и економската кризи произлезени од пандемијата на коронавирусот, покажа истражувањето на Центарот за социолошки истражувања (CIS) објавено во средата.
Шпанија, една од најпогодените земји со епидемијата од болеста Covid-19 во Европа, во понеделникот ќе ги отвори границите и ќе ги дозволи туристичките патувања. Границите беа затворени на 13-ти март со цел да се сузбие ширењето на заразата.
CIS извести дека врз основа на спроведената анкета дека 40,8 отсто од Шпанците се загрижени од здавствената ситуација поврзана со коронавирусот, а 34 проценти од финансиската криза како последица од пандемијата. Многумина од нив велат дека ова лето нема да патуваат никаде, за да ги надоместат загубите во нивните приватни бизниси кои ги претрпеле во март, април и мај, кога во земјата на сила беа строгите карантински мерки.
Во вторникот директорите на туристичките и транспортните компании ја повикаа влада на социјалистот Педро Санчез да носи „храбри“ мерки со коишто би им помогнала во надминувањето на последиците од кризата.
„Ако не ни помогнат, ќе издржиме само уште неколку дена. Ние самите не можеме да излеземе од оваа криза. Затоа барам од владата да мисли на нас, бидејќи на сите нам ни се многу потребни туризмот и транспортот. Многу придонесуваме за земјата“, изјави Хуан Хозе Идалго, претседател на туристичката групација „Globalia“ во текот на прес-конференцијата којашто во вторникот го одржа здружението на претприемачите CEOE.
Туризмот со 12 отсто учествува во бруто домашниот производ (БДП) на Шпанија. Земјата лани ја посетиле над 80 милиони туристи, што беше рекордна година, но сега плажите се празни, хотелите штотуку ги отворија заклучените врати, а илјадници работници во туристичкиот и транспортниот сектор се надеваат на враќање на работа.
Министерката за туризам, Марија Рејес Морато, изјави дека токму туризмот е меѓу најголемите добитници на финансискиот пакет за помош. Наведе дека кредитната линија од 400 милиони евра за компанијата „Thomas Cook“ и за малите самостојни угостители и изнајмувачите на соби и апартмани, додека милион привремено отпуштени работници во туризмот добиваат парични надоместоци од агенцијата за вработување.
Шпанските воздухопловни компании „Iberia“ и „Vueling“ од 1-ви јули повторно ќе летаат кон европските дестинации. Челникот на „Iberia“, Луис Галего, за шпанските медиуми изјави дека неговата компанија ја доживува најголемата криза во историјата, и оти ќе бидат потребни три до четири години за излегување од неа.