Бразилскиот потпретседател Хамилтон Моурао изјави во понеделникот дека започнало разместувањето на воените единици поради заштита на Амазонија, почнувајќи од сојузната држава Рондонија покрај границата со Боливија.
Претседателот Жаир Болсонаро минатата седмица донесе уредба со којашто се овозможува ангажирање на армијата, слична на онаа од минатата 2019 година по бројните разорни пожари за кои постоеја сомневања дека се подметнати поради крчењето на шумите. Но годинава војската се испраќа три месеца порано отколку лани.
Бразилската влада минатиот петок објави дека во април е забележано остро зголемување на крчењето на шумите во бразилскиот дел од Амазонија.
Уништувањето на шумите се зголемило за 64 отсто во април во однос на истиот месец минатата година, покажуваат сателитските снимки на бразилската вселенска агенција INPE. Во првите четири месеци од 2020 година сечата на шумите е поголема за 55 отсто отколку во истиот период од 2019-та, при што се уништени 1.202 квадратни километри од Амзанија, наведуваат од агенцијата.
Амазонија е најголемата прашума на планетата. Според научниците, нејзиното зачувување е клучно за ублажување на последиците од глобалното затоплување, поради апсорбирањето на големи количества од гасовите коишто го предизвикуваат ефектот на стаклената градина.
Интензивното уништување на ткн „белите дробови на планетата“ трае повеќе од деценија и продолжува во 2020-та. Еколозите за тоа го обвинуваат десничарскиот претседател Жаир Болсонари, кој наводно ги поттикнувал илегалните дрвосечачи, рударите и фармерите во овој регион, повикувајќи се на негова изјава дека областа ќе ја развие со поттикнување на земјоделието и рударството во заштитените области од прашумата.