Бројот на жртвите во Бразил се искачи на 58, над 300 исчезнати

Бројот на жртвите од попуштањето на браната за металуршки отпад на југоистокот од Бразил се зголеми на 58, а како исчезнати се водат 305 луѓе, се наведува во соопштението од неделата ноќта на службите за вонредни состојби на сојузната држава Минас-Жераис.

Претходно во неделата, до привременото суспендирање на потрагата, беа потврдени 37 смртни случаи и повеќе од 280 пријавени исчезнати лица. Службите, исто така, објавија дека се идентификувани 19 лица.

Информациите за новиот црн биланс од несреќата која го погоди градот Брумадињо во петокот претпладнето дојдоа набрзо по обновувањето на оперциите за потрага и спасување.

Како што се наведува, бројот на жртвите драматично се зголемил откако спасувачите под тињата откриле автобус. Претходно во неделата претпладнето беше објавено дека спасувачките екипи наишле автобус кој превезувал вработени на компанијата „Vale SA“, во чијашто сопственост е рудникот во Брумадињо, целосно потонат во калта, а во него имало тела кои сѐ уште не успеале да ги извлечат.

Бројот на исчезнатите, исто така, се зголемил поради тоа што компанијата „Vale SA“ го објави списокот со работници во областа со кои не може да стапи во контакт.

Попуштањето на браната во Брумадињо, во државата Минас-Жераис, се случи во петокот утрото по локално време, а реката тиња и рударски отпад ги преплавија административната зграда на компанијата „Vale SA“ како и домовите во градот со 39.000 жители. Притоа, системот за тревожење не се огласил, наведуваат локалните власти. Операцијата на потрага по телата на настраданите или евентуално преживеани може да потрае неколку седмици.

Во неделата беа евакуирани неколку населби со вкупно 24.000 житело на Брумадињо кои се на дофат на браната VI. Претходно најголемата бразилска рударска компанија „Vale SA“, предупреди на опасноста поради зголемување на нивото на водата да биде пробиена уште една нејзина брана во Брумадињо.

Засега не се знае причината за несреќата. Рударската брана е подигната во 1976 година и е една од неколкуте кои се користат за задржување на отпадниот материјал од блиските рудници.
.