Клинички испитувања на лекови против ебола во Африка

„Лекари без граници“ во три центри во западна Африка ќе почнат со клинички испитувања на новите лекови врз пациенти заразени со вирусот на ебола.

Лекарите ќе почнат со експериментална употреба на два лека од списокот на Светската здравствена организација (СЗО), а ќе се применува  и лекување со трансфузија на крв или крвна плазма од оние лица кои преживеале ебола.

Целта на овие испитувања е пациентот заразен со ебола да остане жив во првите 14 дена, кои се сметаат за најкритични за преживување, пренесува Би-Би-Си.

Центрите ќе се наоѓаат во Гуекдо, во Гвинеја, со него ќе управува францускиот Национален Институт за здравје и медицински испитувања, потоа во гвинејската престолнина Конакри, со кој ќе раководи белгискиот Институт за тропска медицина од Антеверпен, а седиштето на третиот центар, со кој ќе управува Универзитетот Оксфорд, ќе биде дополнително одредено.

Најновите податоци на СЗО покажуваат дека бројот на жртви заразени со смртоносниот вирус веќе достигна 5.160.

За еболата се уште не е пронајден лек и лековите кои сега се користат во лекувањето, како што е „фавипиравира“, што ќе се употребува во еден од овие центри, се уште се наоѓаат во експериментална фаза.

Во најтешката епидемија на ебола досега, заразени се повеќе од 14.000 лица, претежно во западна Африка.

СЗО соопшти дека веќе нема пораст на бројот на нови случаи во Гвинеја и Либерија, но дека и натаму е висок процентот на заболени во Сиера Леоне.

Во Мали, пак, вчера беа регистрирани првите три смртни случаи на заразени со ебола.