Мицкоски: Зошто Нухиу не го спречил насилството во Собранието, а имал „златна команда“

Зошто МВР не презема ништо во однос на терористичката група од Чаир, која според тогашниот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу се мобилизирала за време на случувањата во Собранието на 27 април и зошто ништо не преземал за да се спречи насилството, иако имал „златна команда“, праша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „Топ Тема“ на Телма телевизија.

Мицкоски рече дека самиот чин на изборот на „таканаречениот“ претседател на Собранието изобилува со многу контроверзии, како и дека Зоран Заев не бил избран за Талат Џафери да стане претседател на Собранието, што народот 80 дена му го кажувал, туку да ги исполни ветувањата што ги дал.

Според првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, обвинението кое го поднесе Јавно обвинителството за настаните од 27 април во е премногу конфузно и нејасно, а обвинитествотол треба да ги преиспита изјавите на Агим Нухиу.

– Излезе Јавниот обвинител и го образложи обвинението. Но она што загрижува во целиот тој процес, а бевме сведоци на вашата телевизија на емисијата „КОД“, каде што беше цитирана изјавата на тогашниот министер Нухиу, каде што тој, иако има златна команда ништо не презема. Второ има индиции дека во истиот тој момент додека траат случувањата во Собранието имаме групирање на терористичка вооружена група во општина Чаир и во неколку други места во Република Македонија. Зошто изјавата на Агим Нухиу не е дел од обвинението и зошто Јавниот обвинител посериозно не се заинтересирал да ја истражи оваа изјава- рече Мицкоски.

Него дополнително го загрижува што МВР не покренало истрага за тоа кои се вооружените лица кои се групирале за време на настаните, дали нивното поседување на оружје е легално, од каде е потеклото на оружјето и зошто Нухиу како прв човек на тоа министерство не ги преземал потребните процедури за да се спречи тоа.

-Ако ние за така краток рок имаме група која се мобилизира и се вооружува така подготвена да иницира воен конфликт, а притоа министерот тоа го знае и ништо не презема, логично е дека со ова се охрабруваат овие луѓе и во иднина да се случува. Каде е тука правната држава, каде е тука одговорноста на министерот, каде е одговорноста на Јавното обвинителство, каде е одговорноста на сегашниот министер и органите кои се под него- заклучи Мицкоски.

Според него, во изминатите денови и месеци се зголемил политичкиот терор врз опозицијата, а пратеници на ВМРО-ДПМНЕ биле брутално апсени и понижени во јавноста од страна на припадници на МВР.  Сето тоа било нотирано во извештајот на Народниот правобранител, но апсолутно никој досега нема поднесена никаква одговорност.

-Доколку сакаме да манифестираме правна држава и морални политичари, тогаш оние кои ги наредиле овие апсења треба да поднесат морална одговорност. Кој ќе ги врати деновите непроспиени и деновите поминати во домашен притвор на нашата пратеничка, Пешевска, која беше уапсена од нејзиниот дом кога Собранието го донесе Законот за амнестија. Поголемиот дел од амнестираните веќе ги повториле делата и повторно се наоѓаат во Истражниот затвор во Идризово. Кој ќе поднесе одговорност? Јас знам дека Зоран Заев ќе сноси политичка одговорност на следните предвремени парламентарни избори. Но до тогаш? До кога ние ќе го толерираме ова однесување од страна на поединци на власта- праша Мицкоски.