Министрите за финансии на земјите членки на Европската унија во вторникот попладнето ја започнаа видео-конференцијата за помош на економијата погодена од кризата предизвикана од пандемијата на новиот тип коронавирус, и би можеле да дискутираат до раните утрински часови во средата, што укажува на длабокото несогласување меѓу членките на Унијата.
Виртуелната конференција започна со задоцнување, наместо во 15 започна околу 16,30 часот. По првиот круг разговори беше прекината, а продолжувањето првично беше најавено за 21 часот, па за 22 часот, а според последните најави требаше да започне во 23 часот.
За намерите да се продолжи со разговорите вечерта на новинарите им соопшти портпоролот на шефот на еврогрупата Марио Сентено, и додаде дека „вредно работиме за да дојдеме до договор“. Малтешкиот министер за финансии, Едвард Сциклона, на Twitter објави дека состанокот „може да потрае до утрото“.
Прашањето на колективизацијата на долговоите, односно воспоставување инструмент кој би издавал заеднички обврзници, е главната тема на несогласувањата. По ова прашање ЕУ повторно се подели на север и југ, како и во текот на глобалната финансиска и должничка криза во 2008/2009 година.
Девет земји членки, меѓу кои се Франција, Италија и Шпанија бараат да се осигури можноста за заедничко задолжување. Од друга страна, пак, Германија, Холандија, Австрија и Финска, силно е противат на тоа.
Германија потоа се залага за кредитна линија на Европскиот стабилизациски механизам (ESM), основан во 2012 година во екот на кризата во еврозоната за да имсе помогне на земјите членки да можат да ги финансираат своите долгови, имајќи предвид дека тоа не можеа да го направат тоа на финасиските пазари.
Состанокот на еврогрупата во вторникот се одржува во ткн инклузивен формат, што значи дека учествуваат министрите за финансии на сите 27 членки на ЕУ, а не само на 19-те земји од еврозоната.
Челниците на земјите членки на виртуелниот состанок на 26-ти март не успеаја да се договорат како да му се помогне на стопанството во кризата без преседан, и ги задолжија министрите за финансии во рок од две седмици да го подготват заедничкиот економски одговор.