СДСМ денеска повтори дека води сериозни преговори за формирање на влада со полн четиригодишен мандат, која, како што потенцираат, ќе обезбеди прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и имот на секој функционер.
Новата влада, потенцира партијата, посветено ќе се зафати со борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа – без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат.
„Приоритет е прочистување на правосудството, а заедно ќе договориме и ќе воспоставиме систем за проверката на потекло на пари и капитал кај секој функционер.Судиите и обвинителите имаат обврска да испорачаат владеење на правото во кое законот е еднаков за сите. Судиите кои застаруваат предмети ќе бидат разрешени по автоматизам. Ќе биде извршена темелна ревизија на 5 проценти од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор. Следува разрешница на сите предмети отворени од Специјалното јавно обвинителство“, наведува СДСМ.
Дополнуваат дека изминатите две и пол години ги создадале сите услови, го донеле Законот за јавно обвинителство, кој гарантира дека политиката не може да се меша во судските одлуки, а сите предмети за висока корупција мора да имаат судска разрешница.
„Во следниот, четиригодишен мандат ќе покажеме дека можеме уште повеќе и уште подобро да работиме во интерес на граѓаните“, стои во денешното соопштение.