(ВИДЕО) Инциденти на протестите во Солун и Атина, денеска нов собир

Со судири меѓу полицијата и демонстрантите завршија вчерашните протести во Солун и Атина против Договорот од Преспа. Во грчката престолнина беа уапсени три лица, а едно беше повредено. За денеска пак, во Солун е закажан нов собир.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, за време на протестот пред грчкиот Парламент се случија инциденти, откако поголема група маскирани лица ја нападнаа полицијата со пиротехнички материјали и разни предмети како дрва, камења, пластични шишиња и слично. Специјалците одговорија со употреба на солзавец и шок бомби.

Работата на новинарските екипи дополнително ја отежнаа маскираните лица, кои вербално ги нападнаа новинарите, снимателите и фоторепортерите, побараа да се оддалечат од местото каде што се случија инцидентите и не дозволуваа да се снима или да се фотографира, а на еден фотограф се обидоа да му го оштетат фотографскиот апарат.

Веројатно е дека не станува збор за анархистичка група како што е случај на протестите поврзани со економијата, туку маскираните лица неофицијално се радикални десничари.

Инцидентите не траеја долго, ситуацијата се смири, граѓаните продолжија да протестираат, но делот околу Парламентот беше под силно полициско обезбедување.

Кусо пред полноќ, полицијата успеа да ја испразни улицата пред грчкиот Парламент, откако подолго време група од околу 50-тина лица одбиваше да си замине. Велеа дека се националисти и патриоти и немаат намера да предизвикаат инциденти. Откако не одговорија позитивно на барањата на полицијата да се повлечат, специјалците употребија солзавец во вид на спреј, се обидоа еден по еден насилно да ги отстранат, но безуспешно. Групата, која беше неповрзана со онаа што претходно предизвика инциденти, извикуваше дека Македонија е грчка и пееше грчки патриотски песни, но и грчката химна. По инсистирањето на полицајците, групата реши да се повлече, со што и заврши вчерашниот протест во Атина.

И покрај тоа што беше најавуван како масовен, на собирот пред грчкиот Парламент имаше помалку од илјада лица, а меѓу нив Грци од сите возрасти, но и голем број свештени лица.

„Скопјане, Скопјане, никогаш нема да го земеш името“, „Македонија е грчка“, „Предавници“, беа дел од извиците на протестот, јави дописничката на МИА од Атина.

Меѓу демонстрантите на Синтагма, присутни беа и припадници или симпатизери и поддржувачи на Златна зора кои делеа и фрлаа флаери со порака дека Македонија е грчка, политичарите се предавници, а единствената надеж за земјата е Златна зора.

Паралелно со протестот во Атина, собир имаше и во Солун, а и таму не изостанаа инцидентите меѓу демонстрантите и полицијата. Судирите беа од помали размери во однос на оние пред грчкиот Парламент.

За денес, во 20 часот по локално време, во Солун е закажан нов протест против Договорот од Преспа, организиран преку социјалните мрежи.